На сред час, наставничката предава, а ученичка во трето дделение се врти позади и удира шамар на соученикот што седи зад неа. Во друг случај, пред да започне часот, проблематично дете удира силно в гради негов другар, по што наставникот е принуден да ги повика родителите за да го однесат повреденото дете на лекар. Во трет случај, во тепачка во училница меѓу неколку ученици, има удирање и турканици, по што едно од децата паѓа и се удира во клупата, па завршува на шиење во болница.
Ова се само некои од инцидентите што секојдневно се случуваат пред очите на наставниците. Нивната работа е стресна и напорна, бидејќи освен едуцирањето ученици, тие мораат и да внимаваат на нив да не се повредат додека се на настава. Неретко се во улога на судии, па смируваат деца кои се тепаат, се навредуваат или пцујат.
Како се постапува со проблематичните деца?
Во речиси секое основно и во секое училиште за средно образование има проблематични деца, независно дали станува збор за ученици со слаб успех, со никаква дисциплина или пак, со многу изостаноци. Најчесто, влеат практичарите, овие три работи се поврзани кај овие деца, па во тој случај проблемот е потежок за решавање.
- Во нашето училиште немаме некој екстремен случај на проблематичен ученик, но секако се случува некои деца да напраат тепачка, да бегаат премногу од часови, да повредуваат физички други деца. Има мерки кои задолжително се преземаат. Ако има таков случај, прво класниот раководител треба да пријави и да го однесе детето на разговор кај педагогот. Ако педагогот потврди дека навистина има проблем, предлага казни на одделенски совет. Има укори, казни предвидени со законот. Секако на разговор се повикуваат и нивните родители. Ако однесувањето на конкретен ученик ги надминува границите, може да се случи и да биде случајот да биде пријавен во полиција – вели Раде Жегарац, директор на основното училиште „Блаже Конески”.
Отстранување од училиште – неизводлива мерка
Според него, неизводливо е префрлањето на проблематичниот ученик во друго училиште.
- Прво, за тоа мора да има согласност од родителот, а родителот најчесто не се согласува неговото дете да биде префрлено во друго училиште. Од друга страна, училиштното раководство кое би требало да го прими, знае дека ќе си има проблем со тоа дете и затоа не го прима. Поради овие согласности, многу тешко е дете да се отстрани од училиште - додава директорот.
Пред неколку години во основното и во средното образование започна да се реализира програма наменета токму на проблематичните ученици. Имено, нивните родители имаат обврска да одат на советување на училиште, која вклучува насоки како да се активираат учениците што имаат проблеми со успехот, дисциплината иу со односите со наставниците или со врсниците. Праксата покажува дека овие советувања се ефективни. Проф. д-р Ана Фрицханд од Институтот за психологија, која работеше на програмата, вели дека само со заедничка работа меѓу родителите и училиштето може да се влијае да се подобрат овие ученици во целост.