X
 03.04.2019 Образование

Најдобрите наставници во светот се насочуваат кон креативноста на децата

Минатата година Андрија Зафиракоу, наставничка по ликовно во заедницата Алпертон во Велика Британија, ја освои Глобалната награда за наставници од еден милион долари од фондацијата „Варки“. Оваа година наградата ја освои 36-годишниот Питер Табичи, наставник по математика и физика во средното училиште „Керико“ во селото Пвани.

Изминатава година Зафиракоу патуваше низ светот и разговараше со стотици наставници, набљудувајќи како креативноста ги поттикнува некои образовни системи, а други не.

- Креативноста не е само ликовно и драма - може да биде кој било училишен предмет. Зависи како ја користите. Што ќе се случи ако го направам ова? Потребно е истражување, откривање, правење, неуспех и учење - изјави таа во една пригода.

Брајан Мекданиел, наставник по музичко од Калифорнија и поранешен финалист за наградата, ја дефинира креативноста како средба меѓу љубопитноста и свеста. Според него, креативноста не е нешто што може да се предава или да се научи, затоа што сите ја имаме.

- Креативноста се случува цело време. Не знам дали можеме да ги научиме децата да бидат креативни бидејќи таа е таму, кај секого. Треба да создадеме култура што ја поттикнува - вели тој.

Но, додека креативноста е нагласена како критична човечка вештина што не може да се автоматизира, таа сериозно е поткопана во многу земји поради тестирањето и одговорноста. Училиштата често мора да го следат напредокот на учениците во тесен сет на образовни предмети.

- Нема доволно можности за наставниците да ја промовираат креативноста во училницата, едноставно затоа што нашите наставни програми се толку строги, немаме време да ја предадеме содржината, а камоли да уживаме и да бидеме креативни во начините на кои ги предаваме предметите - вели Андрија Зафиракоу.

И таа вели дека човек не може да се научи на креативност.

- Верувам дека мораме да ја негуваме бидејќи е света фундаментална работа во секое човечко суштество.

Дали може да се тестира? Во 2021 година ОЕЦД, која ја спроведува Програмата за меѓународна процена (ПИСА), тест за математика, наука и читање што се дава на секои три години на половина милион 15-годишници низ целиот свет, ќе додаде тест за креативни вештини. Земјите во кои се полага ПИСА можат да се одлучат да го искористат.

Андреас Шлејхер, шеф на директоратот за образование на ОЕЦД, рече дека една од причините за тестирањето е да покаже дека креативноста е приоритет: ако креирате тест за неа, тогаш креаторите на политиката би можеле да почнат да се грижат повеќе за неа, па можеби да ѝ дадат приоритет во нивната наставна програма на исто ниво како математиката, науката и писменоста.

- Можеби мислите дека една земја како Велика Британија ја цени креативноста, а Јапонија повеќе се базира на усогласеност, но во реалноста тоа е обратно. Во Јапонија креативноста е приоритет, додека Велика Британија повеќе се фокусира на образовните предмети. Меморирањето е подоминантно во училниците во Велика Британија, за разлика од Азија - вели тој.

Зафиракоу вели дека е тажно што треба да се создаде тест за да го препознаеме она што многу луѓе веќе знаат дека е важно.

- Мора да создадеме ПИСА-тест за креативност за да покажеме дека таа е важна. Тоа е спротивно на сè - вели таа, додавајќи дека можеби некое добро ќе излезе од тестот, иако е скептична.

- Би сакала да мислам дека секоја земја ќе го искористи тоа и ќе каже: „Боже, види колку сме биле некреативни, мора да оставиме сè и да се осигураме дека креативноста е апсолутното јадро на сè што прават учениците - не само од моментот кога ќе влезат во градинка и ќе играат игри, туку во текот на целиот живот, за да ја имаат и кога ќе одат на факултет - вели таа.

Но, според Мекданиел, погрешно е да се споредуваат децата, едното да се прави подобро од другото.

- Многу деца се учат без креативност - ги учат кои се правилни одговори, а кои погрешни. Постои причина зошто луѓето мразат физика и математика, но сакаат музичко, ликовно и драма. Со тоа што ги оставаме децата да го доживеат својот свет, тие наоѓаат значење, токму така ги добиваат своите одговори.

Иднината на креативноста?


Во 13 години колку што Зафиракоу е наставничка во Велика Британија, буџетот е намален, ресурсите се намалени и бројот на вработени е намален. Поголем притисок се става врз учениците, а стандардите за тестовите стануваат големи. Наставниците се држат како заложници на системот.

- Нашата влада е затворена за креативност и уметност. Тоа е неверојатно - рече таа.

Многу извршни директори тврдат дека критичкото размислување, креативноста и комуникацијата се важни во брзото менување на глобалниот пазар. Џек Ма, коосновач на кинескиот гигант „Алибаба“, минатата година аргументираше дека ако наставниците не се фокусираат на предавање вештини кои се уникатно човечки - независно размислување, тимска работа и грижа за другите, децата немаат шанса.

- Ако не го смениме начинот на кој ги учиме нашите деца, за 30 години ќе бидеме во голема неволја - изјави тој.

Секако, образованието не е само подготовка за пазарот на трудот, вели Зафиракоу. Предметот ликовно може да им помогне на учениците да се ослободат од стресот.

- Ако знаеме дека уметноста помага во менталното здравје и е решение, зошто немаме автоматски очекувања дека секое дете треба да има наставна програма збогатена со ликовно? - прашува таа.

Според неа, тестот за креативност на ПИСА е добар начин што ќе ни помогне да почнеме да размислуваме колку креативност е потребна во една земја.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование