X
 15.04.2024 Живот

Голем број студенти се избркани од факултет поради користење вештачка интелигенција

„Чет-ГПТ“ се покажа како доста популарна алатка меѓу студентите, па неколку професори на факултетите и колеџите предупредија дека вештачката интелигенција се користи за препишување на тестови и на есеи. Наместо со часови да бараат материјали, да читаат, да се едуцираат и да го напишат она што го научиле, и врз основа на тоа да донесуваат свои заклучоци, голем дел од студентите сето тоа ѝ го препуштаат на вештачката интелигенција.

Тешко е да се каже колку е распространет овој проблем, но еден член на британската академска заедница за веб-страницата „Фајненшл тајмс“ вели дека е многу поголем отколку што мисли јавноста. Како што вели, во неговата институција проблемот е толку раширен, што многу студенти веќе се избркани од факултет.

Иако генерално се вели дека е тешко да се препознае содржина напишана од чет-ботови со вештачка интелигенција, овој член на британската академска заедница вели дека е прилично едноставно. Имено, кога учениците биле прашани за некои концепти или извори со чија помош пишувале есеи и трудови, оние што ги напишале со помош на вештачката интелигенција го немале вистинскиот одговор. Но, откривањето на препишувачите е само дел од проблемот, а друг дел е односот кон оние што препишуваат бидејќи често странските студенти плаќаат многу повисока школарина во споредба со домашните студенти, па факултетите не сакаат да ги избркаат бидејќи  губат пари.

Сето ова со текот на времето може да стане голем проблем бидејќи овие луѓе на крајот ќе завршат факултет, но нема да го имаат потребното знаење. Ова особено се однесува на чувствителните професии, како што се медицината и војската, каде што може да се вработат неквалификувани луѓе поради диплома.

Што и да мислите за вештачката интелигенција, факт е дека со текот на времето сè повеќе ќе ја користиме во многу сегменти, вклучително и во образованието, а за учениците и студентите ќе биде од големо значење да знаат како да користат алатки за генеративна вештачка интелигенција, но треба да се внимава да не се користат за препишување и нелегални активности.

Извор: Financial Times
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот