X
 19.08.2020 Образование

Проф. д-р Вјекослав Танасковиќ, декан: Зошто да студирате на Факултетот за земјоделски науки и храна?

Вистинскиот избор на факултет и стекнување диплома е една од најбитните одлуки во животот. Не постои ниту една поисплатлива и посигурна инвестиција од вложување во вашето знаење

Постојат голем број професии што се нудат и помеѓу кои вие треба да се одлучите. Доколку некоја од причините зошто да станете агроном, односно дипломиран земјоделски инженер го побуди интересот кај вас, тогаш ви предлагаме да се запишете на Факултетот за земјоделски науки и храна во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, истакнува проф. д-р Вјекослав Танасковиќ, декан на оваа образовна институција.

Производството на храна е една од најважните стопански гранки во речиси секоја земја, а професијата агроном е основата на која денес се потпира производството на здрава, квалитетна и безбедна храна. Што од денешна перспектива значи да бидеш агроном?

- Производството на храна отсекогаш претставувала една од најважните човечки активности, а земјоделството е најстарата професија со која се занимавале луѓето. Иако технолошкиот развој во светот доведе до појава на многу нови професии, сепак, производството на храна останува незаменлив дел од секојдневниот живот на луѓето. Сигурно дека денешното земјоделство и производство на храна не е она што било порано. Имено, за да се занимавате со земјоделство и производство на здрава, квалитетна и безбедна храна, денес се потребни напредни мултидисциплинарни знаења, знаења кои секојдневно се збогатуваат, бидејќи земјоделско-прехранбениот сектор е опремен со најсовремени технички средства, софистицирана опрема, високи технологии, а сето тоа како резултат на интензивни вложувања во развојот на науката, која треба да ги постигне милениумските цели за надминување на гладот во светот.



Земјоделско-прехранбениот сектор имал и секогаш ќе има сигурен развој и перспектива. Тоа не е само мое субјективно мислење, за тоа говорат факти и податоци. Имено, податоците на Организацијата за земјоделство и храна при Обединетите нации укажуваат дека светското производство на храна до 2050 година треба да порасне за 70%, со цел да се обезбедат потребите на идните 10 милијарди жители на планетата земја.

Земјоделството и производството на храна е основа за развој на целокупниот систем како на националната, така и на светската економија. Кај нас, земјоделско-прехранбениот сектор е еден од најзначајните сектори и истиот учествува со речиси 15% во бруто-домашниот производ. Од друга страна, Република Северна Македонија има поволни климатски услови за квалитетно земјоделско производство, а нашите производи се препознатливи далеку во светот. Исто така, треба да се истакне дека во последниве неколку години, голем дел од инвестициите се насочуваат токму во овој сектор, има и странски и домашни, а овој сектор е директно поддржан и од државата преку субвенционирање. Затоа, обезбедувањето стручен кадар од оваа област и понатаму ќе биде важен процес во развојот на овој за државата важен сектор.
Денес, на пазарите во нашата држава и низ светот расте побарувачката за производство на здрава, квалитетна и безбедна храна, а особено е важно да се внимава и на условите во кои се произведува истата, пред сè на зачувување на природните ресурси и заштитата на животната средина. Исто така, барањата на пазарите стануваат сè построги, а компаниите што работат во овој сектор сериозно вложуваат во унапредување на производството и во обезбедувањето добро образован и квалитетен кадар кој знае како да произведе еколошка, здрава, квалитетна и безбедна храна.

Затоа, слободно можеме да кажеме дека професијата агроном, односно дипломиран земјоделски инженер е многу значајна струка бидејќи со својата работа денес агрономите значајно влијаат врз подобрувањето на многу актуелни прашања како што се гладот, сиромаштијата, зачувување на животната средина, предизвиците од влијанијата на климатските промени во производството на храна итн. Исто така, производството на здрава, квалитетната и безбедна храна е услов за добро здравје на луѓето, но и на животните. Истовремено, храната преставува наше секојдневие и нè поврзува со сите наши активности и сите случувања.

И на крајот, најважната причина е тоа што оваа професија е една од најблагородните и најхуманите професии, професија од која се очекува да влијае во обезбедување на населението со доволни количества на здрава, квалитетна и безбедна храна, со цел опстанок на човештвото, што од друга страна ја прави поразлична од другите професии, a поради што истата има интернационално значење.

Зошто идните студенти да го изберат Факултетот за земјоделски науки и храна? Зошто студирањето на Вашиот факултет е добар избор?

- Бидејќи студентите се во центарот на нашето внимание. Имено, уште од самото основање во далечната 1947 година, па до денес, Факултетот за земјоделски науки и храна целосно е посветен на својата основна задача и мисија, како студентите да ги постигнат највисоките академски стандарди преку стекнување знаења и компетенции од најновите научни достигнувања, а кои се во интерес на развојот на современ земјоделско-прехранбен сектор согласно основните цели за развој на нашата држава и потребите на стопанството.



Затоа што Факултетот за земјоделски науки и храна е најстара и најголема образовна институција од подрачјето на земјоделството и храната кај нас и во регионот, која постојано е посветена на развојот на науката и новите достигнувања и нивно директно имплементирање во пракса, а со тоа го правиме нашиот факултет креативно место за оспособување на стручни и научни кадри, кои полесно ќе се вклучат во глобалниот пазар на трудот.

Непрекинато работиме на поврзување со нови научни и истражувачки центри и имаме блиска меѓународна соработка со голем број признати универзитети од регионот и светот на многу интердисциплинарни  проекти, во кои свое место имаат и нашите студенти. Исто така, факултетот со својата развиена меѓународна соработка постојано овозможува и мобилност на студентите.
Се прават истражувања чии резултати реално се применуваат во секторот. Имено, нашите студенти имаат можност да бидат вклучени во научноистражувачка работа и соработка со деловни субјекти од земјоделско-прехранбениот сектор каде што резултатите директно може да се користат во нивната работа, како и на проекти од државни институции и министерства, кои претставуваат база и со кои имаме секојдневна комуникација.



Особено водиме грижа за континуирано присуство и активности на студентите во лабораториите и на опитните површини со кои располага факултетот. Исто така, практичната настава се изведува и во соработка со стопанските субјекти со кои Факултетот има долгогодишна соработка (организирана посета на индустриски погони, производствени капацитети, земјоделски стопанства итн.), со цел запознавање со процесите, опремата и стандардите во целиот процес на производство и преработка на производите, анализирање на проблемите во производството и изнаоѓање на соодветни решенија, организација на производството, продажбата до крајниот корисник, итн. Соработуваме со многу познати и признати компании од државата. Студентите успеваат да видат како работи реалниот сектор, да се соочат со тековните предизвици, со што практично го надградуваат стекнатото знаење.

Студентите се составен дел на сите работни тела и комисии на факултетот, со права и обврски кои им овозможуваат активно учество во унапредување на наставно-образовниот процес и во донесување на одлуките во највисоките тела на факултетот.



Студентското факултетско собрание, меѓу другото, има и активна меѓународна соработка со различни организации преку кои студентите можат да остварат професионална пракса и студиски престој надвор од нашата држава. Покрај наставно-образовниот процес, особено внимание се посветува и на воннаставните активности на студентите, како што се спортот, рекреацијата, презентација на научно-истражувачки резултати и други активности.



Така, преку  Центарот за кариера на факултетот, студентите имаат можност преку волонтерска работа да ја покажат својата креативност и да учествуваат на разни манифестации, работилници, обуки.

Спортските екипи од нашиот факултет веќе подолг период се на самиот врв, како во рамките на нашиот Универзитет и држава, така и пошироко.

На факултетот постои и планинарско друштво, каде што сите студенти може да се вклучат и активно да членуваат. На факултетот постои и мала сала за изведување на спортски активности од страна на студентите (пинг понг, шах, јога и друго).



Студентите организираат „Студентски смотри на трудови", на кои се презентираат резултати од нивни истражувања спроведени во рамки на Факултетот или со стопанството. Од минатата година е обновено и студентското списание "Scientia iuvenis". Со еден збор, се трудиме на нашите студенти да им овозможиме вклучување во сите активности со кои ќе го подобриме квалитетот на нивното студирање во секој поглед, а секако тоа позитивно ќе влијае врз нивната идна кариера и целокупниот квалитет на живеење.

Факултетот за земјоделски науки и храна е една од трите најстари високообразовни и научноистражувачки институции во нашата држава. Колку ги следите современите текови и какви услови нуди факултетот во однос на организирање на квалитетна настава и останатите активности?

-По претходно стекнатото знаење во училишните клупи, студирањето на нашиот факултет и на нашите студиски програми нуди едно ново и поразлично искуство. Наша водечка девиза е постојано да се води сметка за модернизирање на наставните програми согласно светските текови, потребите на пазарот на трудот и целокупното стопанство во државата и пошироко. Инаку, денес, наставно-образовна дејност на факултетот се изведува на 9 студиски програми на прв циклус студии, 8 студиски програми со преку 40 модули на втор циклус (магистерски студии) и 6 студиски програми на трет циклус студии (докторски студии). Наставата на сите три циклуси на студии се реализира согласно Европскиот кредит трансфер систем, а факултетот е меѓу првите институции во нашата држава кој во 2002 година започна со болоњските реформи.

На прв циклус студии, студентите може да изберат една од студиските програми по: Агроекономика, Анимална биотехнологија, Еко-земјоделство, Заштита на растенијата – фитомедицина, Квалитет и безбедност на храна, Овоштарство, лозарство и винарство со модулите: Овоштарство со лозарство и Лозарство и винарство, Поледелство, Преработка на земјоделски производи со модулите Анимални преработки и Растителни преработки,  и Хортикултура со модулите:  Градинарство и цвеќарство и Хорткултура.



 Сите студиски програми имаат свои специфичности во однос на наставните програми, а согласно на тоа, се изградува стручен профил кој има свое место на пазарот на трудот со стекнати вештини и карактеристични способности.

Во првите три семестри на прв циклус, наставата се одвива преку заедничко стебло од базични и општи предмети, додека од четвртиот до осмиот семестар студентите изучуваат предметни програми од потесната област на студиската програма.

Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје е високо-образовна и научноистражувачка институција која постојано ги следи и спроведува современите стандарди за задоволување на строгите критериуми за квалитетно образование на студенти и имплементирање на науката во областа на земјоделството и храната.



Факултетот обезбедува квалитетно теоретско и практично образование во одлични услови за студирање и модерно опремени училници и лаборатории, амфитеатри, компјутерски училници, современа библиотека и друга соодветна опрема за непречена реализација на наставно-образовниот процес на студентите. Факултетот обезбедува и квалитетна научно-истражувачка работа, а резултатите покрај другото се користат и во наставно-образовниот процес на студентите.

Денес, за квалитетно спроведување на наставно-образовниот процес и научно-истражувачката работа, на факултетот се грижат повеќе од 70 наставници, околу 20 асистенти, лаборанти и демонстратори, како и 20 вработени во административно-техничката служба на факултетот.



Гледајќи од денешна перспектива, не заостануваме ни малку во споредба со најразвиените земји, што е резултат на континуираната грижа за креирање на квалитетни кадри, а до денес, на Факултетот дипломирале повеќе од 8.100 студенти, 117 специјалисти, повеќе од 520 магистри и над 260 доктори на науки.



Сигурно заинтересираните кандидати ќе се запрашаат каде сè работат вашите студенти кои дипломирале на вашиот факултет?

-Нашите студенти ги има секаде, затоа што се проактивни, неуморни млади луѓе, одговорни личности кои се спремни да се вложат и успеат. Со гордост можам да кажам дека голем дел од нашите дипломирани, специјализирани, магистрирани и докторирани колеги својот животен пат после студирањето го продолжиле во државните институции, министерствата, високообразовните и средните стручни училишта, во примарното растително и сточарско производство, во месната индустрија, во индустријата за преработка на млеко и млечни производи, пекарската индустрија, кондиторската индустрија, винариите, пиварската индустрија, како и во многу други познати компании од областа на земјоделството и прехранбената индустрија во државата, банки, асоцијации и здруженија, невладини организации, организации за заштита на животната средина, но и во признати институции и компании надвор од нашите граници, со што се потврдува и вредноста на дипломата на нашиот факултет, диплома која стекнуваат нашите студенти по завршување на студиите. Особено сме горди на сите оние наши колеги кои по завршување на студиите основале свои фирми и компании кои денес успешно работат не само во нашата држава туку и пошироко.



Што ќе им препорачате на идните студенти?

-На идните студенти сакам да им кажам дека вистинскиот избор на факултет и стекнувањето диплома е една од најбитните одлуки во животот. Не постои ниту една поисплатлива и посигурна инвестиција од вложување во вашето знаење. Постојат голем број професии кои се нудат и помеѓу кои вие треба да се одлучите. Доколку некоја од причините зошто да станете агроном, односно дипломиран земјоделски инженер го побуди интересот кај вас, тогаш ви предлагаме да се запишете на Факултетот за земјоделски науки и храна во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Ве очекуваме! Студирајте и направете студентските денови да ви бидат незаборавни...

Конкурс за запишување на прв циклус студии 2020/2021

Брошура со корисни информации за ФЗНХ

Следете нè и на социјалните мрежи: ФЗНХ на „Фејсбук“, на Инстаграм, Факултетско студенстко собрание ФЗНХ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование