Ана Сорокин станала дел од високото друштво на Менхетн претставувајќи се како богата наследничка по име Ана Делви. Таа сега е осудена на 4 до 12 години затвор, а нејзината приказна, која потсетува на филм, ја пренесуваат сите светски медиуми.
Минатиот месец поротата пресуди дека Сорокин е виновна за кражба, тешка кражба и обид за тешка кражба. Обвинението имало вкупно осум точки и по сите била прогласена за виновна. Таа ќе мора да врати 199.000 долари и да плати казна од 24.000 долари, да отслужи затворска казна, а и ќе биде депортирана бидејќи визата ѝ истекла уште во 2017 година.
Ана Сорокин (28) е ќерка на поранешен камионџија од Русија, која во 2014 година од Германија преминала во Америка. Откако стигнала, таа измислила дека е пребогата германска наследничка и на луѓето им кажувала дека нејзиниот татко е дипломат или нафтен магнат, во зависност од тоа со кого разговарала.
За десет месеци во 2016 година девојката успеала да измами новостекнати богати пријатели од Менхетн и неколку институции што се занимаваат со финансии, па инкасирала 275.000 долари, а во тој период одела и на луксузни патувања од Мароко до Омаха.
Обвинителот откри дека Ана ги фалсификувала банкарските извештаи и идентитетот поради измамата, која опфаќала и аплицирање за заем од 22 милиони долари за да направи приватен уметнички клуб. Таа тврдела дека банка од Швајцарија ќе гарантира со кредитно писмо и покажувала изводи од сметка, кои наводно докажувале дека има средства.
Една банка ја одбила, но друга била измамена и ѝ дала на располагање 100.000 долари. Од тие пари Ана за еден месец потрошила 55.000 долари за лични трошоци, наведоа од обвинителството.
Нејзиниот адвокат во текот на судењето тврдел дека Сорокин немала криминални намери и дека се преправала дека е богата за да добие предност во системот кој лесно е заведен од гламур и сјај. Тој истакнал и дека Ана купувала време и дека планирала да ги врати сте пари еден ден, кога ќе станела успешна.
За овој случај пишуваа многу американски медиуми, а Шонда Рајмс веќе најави дека нејзиниот нов проект за „Нетфликс“ ќе биде за Сорокин. Со месеци судењето се провлекуваше низ медиумите, а големо внимание привлече веста дека Ана го ангажирала поранешниот уредник на магазинот „Гламур“ да се грижи за нејзиниот стајлинг за судењето.
Фото: Noizz
Таа престојувала во луксузни хотелски соби во Њујорк, кои не можела да си ги дозволи, на другарка ѝ ветила патување во Мароко и потоа ја оставила да плати сметка од 62.000 долари. На почетокот никој не се сомневал кога барала да ѝ платат такси или авионска карта бидејќи велела дека ѝ е тешко да префрли средства од Европа.
Судејќи по фотографиите, ни сега не ѝ е
тешко.