X
 19.03.2018 Технологија

„Наследничката“ на Џобс: Најмладата милијардерка е најголема измамничка?!


Елизабет Холмс
(Фото: Gilbert Carrasquillo/Getty Images)


Елизабет Холмс била токму тоа што им требало на Силиконската долина и на инвеститорите: млада и амбициозна девојка која на свои 19 години го напуштила „Станфорд“ за да се посвети на развојот на својот старт ап и идејата која можела целосно да промени една индустрија што тежи повеќе милијарди долари. Своевремено медиумите ја нарекле „наследничката“ на Стив Џобс, а таа дури и носела црни ролки на јавните настапи. Пред неколку години нејзиното богатство изнесувало 4,5 милијарди долари, со што стекнала статус на најмлада милијардерка која сама ги заработила своите пари.

До 2014 г. инвеститорите вложиле стотици милиони долари во нејзината компанија, чија вредност тогаш се проценувала на 9 милијарди долари, со потенцијал да достигне десетици, ако не и стотици милијарди евра.

Додека сè уште била дете, Холмс многу се плашела од инјекции, па секое вадење крв за неа претставувало шок и сериозен проблем, затоа одлучила да се посвети на пронаоѓање начин за поинакво анализирање на крвта, па уште во 2003 ја покренала стартап-компанијата „Теранос“ која требало да донесе револуција на „пазарот“ на анализи на крвта.

Наместо постојните процедури, нејзината компанија го развивала уредот „едисон“, кој требало да овозможи целосна анализа на крвта од минимален примерок крв земен од прстот – постапката би требало да трае само неколку секунди, крв би можела да се зема и во аптеките, а само за неколку часа комплетната анализа на крвта би била готова. Освен наведеното, вадењето и анализата на крвта би биле многу поевтини од сегашните методи.

Холмс успеала да ги воодушеви инвеститорите, па се зборувало и дека се подготвува филм за нејзиниот живот – а филмот најверојатно навистина ќе биде снимен, но со целосно поинакво сценарио одошто замислувале инвеститорите кои вложувале десетици и стотици милиони долари во оваа компанија.

Имено, Елизабет Холмс всушност никогаш не објаснила како ќе работи нејзиниот уред за анализа на крвта, но иако во нејзиниот одбор седеле личности како Хенри Кисинџер и Џорџ Шулц, во него никогаш не партиципирале луѓе од здравството или од фармацевтската индустрија.

Исто така, инвеститорите никогаш не спровеле подлабока анализа на компанијата, па се чини дека сите ѝ верувале на „наследничката“ на Џобс без да проверат дали таа ја зборува вистината. Сепак, еден потенцијален инвеститор одлучил да го тестира уредот и начинот на кој работи, па се покажало дека работите не се толку едноставни и револуционерни како што зборувала Холмс.

Се покажало дека производот на кој работела нејзината компанија и кој требало да донесе револуција на пазарот на крвни анализи воопшто не работел добро – Холмс ги измамила јавноста, новинарите и инвеститорите, кои наседнале на нејзината приказна и вложиле огромни износи во технологија што не постоела.

Целата приказна околу „Теранос“ му била сомнителна на новинарот Џон Керера од „Вол стрит џурнал“, кој внимателно ги проучувал настаните и ситуацијата околу компанијата и разговарал со вработените, кои имале поинакви гледишта од Холмс.

Така некои тврделе дека резултатите добиени од „едисон“ се непрецизни и повеќето тестови и бездруго не се извршуваат во нивните лаборатории, туку со технологии и уреди на други компании – од 200 тестирања што ги спровел „Теранос“ само 12 биле извршени со нивната сопствена технологија, а да е уште пострашно, тие биле најчесто погрешни.

Приказната за „Теранос“ почнала да се руши како кула од карти откако „Вол стрит џурнал“ во 2015 година ја објавил приказната за вистинските случувања во компанијата, како се затворале лабораториите на „Теранос“, како голем број луѓе останале брз работа, додека „Форбс“ преку ноќ го прогласил богатството на Елизабет Холмс за ништовно.

Минатата недела Комисијата за хартии од вредност ги обвини Елизабет Холмс и Рејмс Балвани, претседателот на „Теранос“, за измама и давање лажни искази за технологијата, работењето и финансиите на компанијата. Холмс сепак успеала да се спогоди, па освен плаќањето половина милион долари, морала да се одрекне и од сопственичкиот удел во компанијата и да ги врати сите акции, а следните десет години не смее да биде член на управа или директорка на компании чии акции котираат на берза.

Врз база на искуството со „Теранос“, од Комисијата порачаа дека иноваторите што сакаат да прават револуции на пазарот мора на инвеститорите да им ја кажат вистината за тоа што може нивната технологија да постигне во моментот, а не само да им говорат каква технологија би можеле да развијат во иднина, затоа што, се разбира, не постојат гаранции дека навистина ќе можат да развијат таква технологија.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија