За една личност да стане крводарител, пред сè, мора да е здрава личност помеѓу 18 и 65 години, а во специфични случаи и помлада и постара. Жените можат да даваат крв на секои четири месеци, а мажите на секои три месеци.
За да дава крв личноста мора да биде здрава, а давањето крв има бројни правила, но и бројни митови и полувистини во кои луѓето вреуваат.
Во морето информации и дезинформации, која е вистината и кои се правилата?
И вегетаријанците можат да даваат крв
Во многу земји постојат заблуди поврзани со крводарителството, а Велика Британија пред неколку години спроведе истражување за да открие во кои митови веруваат луѓето.
Истражувањето покажа дека 3 отсто од 2.000 испитаници, веруваат дека вегетаријанците не можат да даваат крв. Главниот проблем е загриженоста околу железото во крвта и грижата дека вегетаријанската исхрана нема многу железо.
Доколку нивото на железо во крвта ви е пониско од нормалното, ќе бидете привремено одбиени како крводарител - поради сопствена безбедност. Но, доколку се храните балансирано, сигурно во телото имате доволно железо.
Ни тетоважата ни пирсингот не донесуваат дефинтивна забрана
Петтина од учесниците во истражувањето рекле дека ако некој има тетоважа или пирс, не може да даде крв. Тоа е погрешно.
Точно е дека ако сте ставиле тетоважа или пирс неодамна, привремено нем да можете да давате крв. Правилото е јасно: од тетовирањето или ставањето пирс до давањето крв мора да помине некое време. Периодот варира низ земјите. Во Велика Британија и во Македонија е 4 месеци, додека во Србија е 3 месеци.
Не грижете се, количината на крв во телото не е ограничена
Просечната возрасна личност има околу 5 литри крв во телото. За време на донирањето се земаат околу 400 милилитри, а телото за брзо време ќе ја надомести крвта што сте ја дале.
Доколку сте биле болни, ќе мора да почекате до наредното крводарителство
Ако сакате да дадете крв, а претходно сте биле болни или под терапија, ќе мора да почекате малку. Времето на забрана зависи од болеста. Така, од поминувањето на настинката до трансфузијата треба да поминат седум дена.
Кога станува збор за лековите, седум дена е време што треба да помине од земањето на антибиотици до давањето крв.
Правилата во врска со сексуалните односи се помалку комплицирани отколку што мислите
Можете да дадете крв без одложување освен ако сте имале однос со ХИВ позитивна личност или личност заболена од хепатитис Б или хепатитис Ц во последните 180 дена.
Во Велика Британија, 180 дена мора да почека и мажот кој имал сексуални односи со друг маж.
Меѓу причините за трајна забрана за давање на крв се високо ризично сексуално однесување, хроничен алкохолизам и наркоманијата. Крв не можат да даваат ни личности што имаат ХИВ, хепатитис Б и Ц, сифилис, тропски болести.
Да сумираме, можете да дадете крв ако сте...
- здрави и имате добра општа состојба;
- потешки од 50 килограми;
- на возраст помеѓу 18 и 65 години.