X
 13.05.2018 Здравје

Донирал крв 60 години и спасил милиони бебиња

Повеќето луѓе кога се пензионираат добиваат златен часовник. Џејмс Харисон заслужува многу повеќе. Тој е познат како „Човекот со златната рака“ и донирал крв речиси секоја недела во текот на 60 години. После сите тие донации, овој 81-годишен Австралиец „се пензионира“ во петокот.

Според австралискиот Црвен Крст, тој помогнал да се спасат животите на повеќе од 2,4 милиони австралиски бебиња.

Крвта на Харисон има уникатни антитела кои се борат со болести и биле искористени за да се развие инјекција наречена Анти-Д, која помага во борбата против хемолитичната болест на новороденчето. Оваа болест е состојба каде крвта на бремената жена почнува да ги напаѓа крвните клетки на нероденото дете и во најлош случај море да резултира со оштетување на мозокот или со смрт на бебето. Состојбата се развива кога бремената жена има Rh-негативна крв, а бебето кое го носи има Rh-позитивна, наследена од таткото. По раѓањето на дете со Rh-позитивна крв, мајката со Rh-негативна крв добива инјекција со анти-Д имуноглобин за да се спречи создавање на антитела кои би ги нападнале црвените крввни зрнца на децата во идните бремености.

Донациите на Харисон започнале кога имал операција на градниот кош на 14 години. Донираната крв му го спасила животот, па тој сакал да стане крводарител. Неколку години подоцна, лекарите откриле дека неговата крв содржи антитела кои може да се искористат за инјекциите, па Џејмс се префрлил на донирање на крвна плазма за да им помогне на што е можно повеќе луѓе.

Лекарите не се баш сигурни зошто Харисон има ваков редок тип на крв, но мислат дека можеби е од трансфузиите кои ги примил кога имал 14 години, веднаш по операцијата. Тој е еден од не повеќе од 50 лица во Австралија за кои се знае дека ги имаат овие антитела.

-Секоја ќеса со крв е бесценета, но крвта на Џејмс е исклучителна. Неговата крв всушност се користи за да се направи лек кој спасува животи, кој им се дава на мајките чија крв може да ги нападне нивните неродени бебиња. Секоја серија од Анти-Д која била направена во Австралија доаѓа од крвта на Џејмс. Повеќе од 17 отсто од жените во Автралија се под ризик, па Џејмс помогна во спасување на многу животи - објаснува Џема Фалкенмаер од Слушбата за крв при Црвениот крст во Австралија.

Дури и ќерката на Харисон примила Анти-Д вакцина.

-Тоа резултираше со тоа што мојот втор внук се роди здрав. И тоа прави да се чувствувате убаво - вели Џејмс.


Фото: CNN

Откривањето на антителата на Харисон направило голема промена бидејќи до 1967 година илјадници бебиња умирале секоја година, а лекарите не знаеле зошто. Жените имале абортуси, а бебињата се раѓале со оштетувања на мозокот. Австралија била една од првите земји кои откриле крводарител со вакви антитела, што било прилично револуционерно откритие за тоа време.

Харисон се смета за национален херој во Австралија поради фактот дека спасил повеќе од два милиона животи. За неговата дарежливост, тој има добиено голем број награди.

-Ова е нешто што можам да го правам. Ова е еден од моите таленти, веројатно мојот единствен талент, да бидам донатор на крв - вели Харисон.

Сега, по пензионирањето на Харисон, во Австралија се надеваат дека луѓе со слични антитела во нивната крв ќе се решат да донираат крв. Во Австралија, крв може да се донира до 81-годишна возраст.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје