X
 15.07.2018 Живот

Зошто финалето од Светското првенство се играше во пет попладне?

Зад компромисот со терминот стои поголем комерцијален интерес на кинескиот пазар.

Финалето на ова Светско првенство денес се играше во пет попладне. Зошто толку рано, со оглед на тоа што досегашните ударни натпревари, како полуфиналето, се играа во вечерни термини по европско време? Одговорот е доста едноставен: Кина, односно Азија. Сѐ поголем комерцијален фокус на источните земји значи приспособување на терминот за стотици милиони навивачи на натпреварот да можат да го следат фудбалот во релативно прифатлив термин.

finale

Финалето на Светското првенство во 2014 година беше во не толку атрактивен термин за источниот пазар: во Пекинг било 3 часот наутро, а во Токио 4. Овогодишното финале во 5 попладне по европско време значи дека во Пекинг ќе се гледа во 11 навечер. Со оглед на тоа што кинеските компании сѐ повеќе ги спонзорираат ФИФА и светските фудбалски активности, необичниот термин на денешното финале е отстапка.

- Терминот за финалето беше одреден пред 3 години, во договор со сите страни - изјави портпаролот на ФИФА.

- Во предвид имавме многу факти, како времето за глобален пренос и можности за навивачи.

„Њујорк тајмс“ пишува дека ФИФА од спонзорствата за Светското првенство ќе реализира приход од 1,65 милијарда долари, околу 14 отсто повеќе отколку што планирала. Од 20 официјални спонзори, седум се кинески компании, кои минатата година не биле толку фудбалски активни. Притоа, ФИФА не е единствена што почна да му излегува во пресрет на кинескиот пазар - истото го прави и шпанската Ла Лига, а се слушаат најави од италијанската и од англиската лига.

Со оглед на домаќините на наредното првенство - Катар 2022 година, па Северна Америка во 2026 година, па враќањето во Европа во 2030, можно е Кина и Јапонија да мора да чекаат до 2034 за клучните натпревари да ги гледаат во најатрактивните, вечерни термини.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот