Хорор-комедијата „Заливот на вдовиците“ (Widow‘s Bay), за проколнат град во Нова Англија, е најголемиот добитник на овогодишните телевизиски награди „Еми“, освојувајќи рекордни 14 статуетки, вклучувајќи ја и наградата за најдобра хумористична серија, а медицинската драма „Пит“ повторно е прогласена за најдобра драмска серија.
„Заливот на вдовиците“ во понеделникот ја надмина последната сезона на серијата „Хекс“, минатогодишната победничка во категоријата хумористични серии.
Ѕвездата на „Хекс“, Џин Смарт, ја освои петтата награда „Еми“ за улогата на упорната стендап-комичарка Дебора Венс. Со тоа стана првата глумица што освои „Еми“ за најдобра глумица во хумористична серија во секоја сезона од својата серија. Единствена што ѝ се приближи е Џулија Луис-Драјфус, која освои шест награди „Еми“ за седум сезони од серијата „Вип“.
Велшкиот глумец Метју Рис стана првиот глумец кој на исто доделување освои две главни награди – за „Заливот на вдовиците“ и за психолошкиот трилер „Ѕверот во мене“.
„Заливот на вдовиците“ ги освои и наградите за спореден глумец, споредна глумица, режија и сценарио. Заедно со техничките награди доделени претходно овој месец, серијата освои вкупно 14 награди „Еми“, што е рекорд за хумористична серија во една сезона.
Ѕвездата на серијата „Пит“, Ноа Вајли, ја освои втората награда за најдобар драмски глумец за улогата на лекарот Роби во серијата сместена во трауматолошки центар во Питсбург.
„Доцното шоу со Стивен Колбер“, кое Си-би-ес оваа година го укина, освои „Еми“ за најдобра хумористична емисија, додека криминалистичката мини-серија „ДТФ Сент Луис“ беше прогласена за најдобра ограничена серија.
Награда за најдобра драмска глумица ѝ припадна на Реја Сихорн за улогата во серијата „Плурибус“. Обраќајќи им се на другите номинирани глумици, меѓу кои се Кери Расел и Зендаја, ја цитираше феминистичката активистка Глорија Стајнем: „Поврзани сме, не сме рангирани.“
За време на доделувањето Академијата му оддаде почит на Мајкл Џеј Фокс за неговото залагање за истражување и лекување на Паркинсоновата болест. Фокс, говорејќи во инвалидска количка, му се заблагодари на Холивуд за поддршката што му овозможи да ја продолжи глумечката кариера откако му беше дијагностицирана болеста.
Доделувањето го водеше Маришка Харгитеј, ѕвездата на серијата „Закон и ред: Оддел за жртви“, со што беше прекината традицијата водителот да биде комичар. Церемонијата беше пренесувана во живо на Ен-би-си и емитувана преку платформата Пикок.
За овогодишните добитници на „Еми“ одлучуваа повеќе од 27.000 членови на Телевизиската академија, меѓу кои се сценаристи, режисери, глумци, продуценти и други телевизиски работници.
Фото: принтскрин/јутјуб