X
 19.01.2016 Образование

Доказ дека детската љубов е посилна од законот

По барање на учениците, на наставничката Миланка Радуловиќ од белградското основно училиште „Светозар Марковиќ“ и` е одложено пензионирањето и одобрено и е` продолжување на работата додека „нејзините деца“ не завршат четврто одделение во основно.

 

наставничка


После две недели распуст, учениците од три одделенија од основното училиште „Светозар Марковиќ“ во Белград, се вратија во училишните клупи. Живи, весели, децата се фалат како го поминале распустот и што се` добиле за време на празниците, раскажувајќи за авантурите од скијање, лизгалиште и зимскиот распуст. Секој од нив сака неговата приказна да биде повпечатлива од останатите.

Импресиите на нејзините деца внимателно, со трпение и блага насмевка, ги следеше нивната наставничка, 62 годишната Миланка Радуловиќ. Таа им поставуваше прашања и ги фалеше. А децата ја обожаваат. Тоа се гледа од нивните очи и од начинот на кој и` се обраќаат и колку сакаат да ја воодушеват.

Токму љубовта кон нивната наставничка беше посилна од новите прописи за пензионирање на жените, според кој, минатата година наставничката требаше да се пензионира и своите ученици да ги остави на половина од нивното образование. Но, тагата на децата, упорноста на нивните родители и поддршката од директорот на училиштето беа доволни за да се добие разбирање од надлежните, со што Миланка својата последна генерација ќе ја учи до крај.

„Мислев дека немаме шанси пред „силата на законот“ и дека овие денови веќе ќе бидам во пензија. Целата документација за моето пензионирање беше спремна. Но, директорот од училиштето се обрати до надлежните, па од министерството стигна решение за продолжување на работата, додека децата не завршат четврто одделение“, вели наставничката.

На прашањето зошто е толку посебна, и зошто учениците и родителите веќе 34 години бескрајно ја сакаат и почитуваат, наставничката скормно ги крева рамената. Нејзините колеги пак, велат дека доблестите на наставничката Миланка како педагог и како колешка се многубројни.

„Кога на децата ќе им дадете задача да пишуваат за личност која добро ја познаваат и најмногу ја сакаат, скоро цело одделение пишува за неа. И така од генерација во генерација, веќе три и пол децении. Таа е вистински наставник, а нејзините часови ги прилагодува со модерните времиња и со сите промени на училишните програми. Освен тоа, повеќето од нејзините ученици се доста успешни луѓе“, велат нејзините колеги.

На сопствен детски и искрен начин и децата ја опишуваат нивната омилена наставничка. За еден ученик таа е „најдобра бидејќи не е строга“. За друг е „тивка дури и тогаш кога ги критикува“. Трети „многу ја сакаат бидејќи на сите ученици им се обраќа со злато и сите ги сфаќа и разбира“.

 

наставничка


„За оние кои сакаат деца, да се биде учител е нешто најубаво. За мене ова како да не е професија, како да е хоби. Додека работам, уживам. Секојдневно будно ги следам моите ученици, се радувам и тагувам со нив. Се трудат да ги сфатам, да ги прегрнам тогаш кога е потребно.  Да им одговорам на сите прашања, да ги мотивирам. Бидејќи длабоко верувам дека наставниците заедно со родителите ја одредуваат иднината на детето. Колку децата личат на родителите, толку личат и на нивните наставници. А резултато на мојата работа и работата на родителите се гледа кога детето е во пубертет, кога е седмо или осмо одделение“, вели наставничката.

Воспитувањето и учењето на децата без страв е основниот принцип на работа, вели Миланка. Како што вели таа, своите ученици ниту ги казнува, ниту ги наградува. Се труди поголем дел од материјалот да го научат на час, а што помалку обврски да имаат учениците дома. Она што нема да го разберат ја прашуваат неа, а не родителите. Според неа, дома треба повеќе време да поминуваат со родителите.

„На час секогаш од нив барам повеќе знаење, а тие секогаш ми даваат најмногу што можат. Строга сум во барањата, но не и во оценките. Ако детето не може да сфати нешто, не инсистирам, важно е да ги научи основните поими. Доколку на детето не му оди математика, сигурно ќе му оди друг предмет. Децата едноставно, имаат различни интереси. Тие учат и успеваат да го научат материјалот, но на училиште треба да научат и за животот и за живеење во заедница“, вели Миланка.

Најважните образовни задачи


„За време на наставата најмногу внимание посветувам на образовните задачи. Се трудам на децата да им всадам човечки доблести, да ја негуваат и развиваат љубовта, да бидат хумани и секогаш спремни да помогнат, бидејќи родителите, презафатени со трката по животот, за жал, имаат се` помалку време да ги воспитуваат децата. Исто така, постојат и амбициозни родители кои премногу ги учат децата, па тие се незаинтересирани на час. Наставникот треба се` да има во предвид“, завршува наставничката. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование