Учењето на јазикот, особено помеѓу возрасните, не е лесна работа. Потребно е да се одвои доста време за вежбање, а кога ќе се совлада основата, вокабуларот постојано треба да се надградува и човек да се потсетува на граматичките и синтаксичките правила за наученото да не се заборави.
Покрај тоа, некои луѓе едноставни се склони кон учењето на англискиот јазик, како што други се склони кон сфаќање на математиката или некој друг предмет кој припаѓа во областа на природните науки.
Одамна е познато дека најлесниот и најбрзиот начин да успеете во тоа, е да посетите земја чијшто јазик сакате да го научите, да останете таму некое време и да слушате и апсорбирате „од прва рака“. Врз тоа се базираат и советите на Дејвид Бејли, бизнисмен кој на веб страната на „Quora“ даде одговор на прашањето како најлесно можете да научите странски јазик.
Бејли успеал за само 17 дена да научи француски, и тоа доволно добро за секојдневен разговор. Тоа се случило во 2005 година, кога тој отишол во посета на пријателка во мало француско село, каде останал 17 дена. Во селцето никој не зборувал англиски. За да го поттикне да научи, пријателката одбила со него да зборува на англиски јазик, па постојано му зборувала на француски.
Тој воспоставил секојдневна рутина која му помогнала при учењето, која изгледала вака:
- Претпладне на хартија околу два часа ги пишувал правилните и неправилните глаголи, бидејќи сметал дека најдобриот начин да се научат глаголите, е преку рачно пишување.
- Кога и да имал можност, па дури и додека ги пишувал глаголите, тој слушал аудио-курсеви за учење на францускиот јазик.
- Секое утро трчал 45 минути до 1 час во природа, и притоа слушал француска музика.
- Секојдневно разговарал со луѓе чиишто мајчин јазик бил францускиот, колку и да му било тешко.
- Секојдневно читал книги на француски јазик. Бејли советува да земете книга која веќе сте ја прочитале, по можност детска, која нема тежок вокабулар.
- Барем еден час во денот пишувал состави за самиот себеси бидејќи открил дека при секое запознавање мора да одговори на прашањата од каде е, што работи, дали му се допаѓа Франција...
- За брзо време ги научил помошните зборови кои немаат вистинско значење (alors, en fait). ЛУѓето ги изговараат со паузи меѓу реченици и добро би ви дошло ако и вас некогаш ви е потребна пауза во говорот.
После 17 дена, Бејли отишол во Париз, каде во едно кафуле се запознал со една девојка со која започнал да разговара. Девојката го прашала колку долго живее во Франција, а кога и` кажал, таа се изненадила бидејќи помислила дека тој живее во Франција барем една година.
Можеби нема да станете експерт за јазици за толку кратко време, но овие совети секако би можеле да ви бидат од корист доколку одлучите без професионална помош да научите некој странски јазик.