Да се биде наставник е една од предизвикувачките, најубавите и најблагородните занимања зашто се инвестира во идните генерации на едно општество. Да се биде наставник, значи истовремено да се биде и методичар, педагог, психолог. Ако едно нешто се изостави од оваа низа, тогаш резултатот нема да биде ист.
И би можела да пишувам за сите карактеристики што би требало да ги поседуваат наставниците, а верувајте дека во научните трудови кои ги прегледав се вели дека од наставникот се очекува да поседува „околу 200 позитивни морални особини, да врши околу 195 улоги и функции, да поседува 50 видови и облици на компетенција, да поседува знаење од најмалку 10 научни области и дисциплини и да остварува 8 вида и облици на учење односно видови на настава и подучување“ (Danilović, М., 2011). Дури и кога би поседувал половина од веќе наведеното, ќе се сложите дека е далеку повеќе од она што се бара кај другите професии.
Но со оглед дека сум географ, јас би пишувала за тоа каков треба да биде наставникот по географија или какви наставници по географија би требало да се стремиме да бидеме.
Географијата е широка наука и најпрво што се очекува од наставникот по географија е да ги разбие стереотипните мислења дека географијата е само држави и главни градови. Таа е многу повеќе од тоа. Таа е мозаик од природно-географски и општествено-економски компоненти кои во една причинско-последична поврзаност го креираат просторот, географскиот простор;
Наставникот по географија треба да го разбие и вториот стереотип, дека бројките се најважни во географијата, укажувајќи дека бројките се важни само тогаш кога се израз на конкретно измерени состојби, непроменливи, кога се навистина неопходни или служат за споредба;
Од него се очекува да ја користи својата најголема лабораторија – природата;
Да ги научи учениците како се набљудува, истражува и доживува географијата во околината; како се доживуваат и читаат географските пејзажи на карта; како картата да се доживее тродимензионално во мислите; како да се пронајде географијата на филм, слика, цртеж, на едноставното патување од домот до училиштето; како полесно да се разберат разликите помеѓу пејсажите, местата и луѓето;
Наставникот по географија треба да има значајна улога во учењето како се негува односот кон животната средина;
Да укаже како треба да се почитува и чува нашата планета, бидејќи таа ни е единствено место за живот;
Има за цел да ги промовира сите убавини на сопствената земја. Да ги научи учениците како да ја сакаат секоја педа од нејзината површина. Да ги научи како да ја осознаат, чуваат и почитуваат нејзината единственост во сиот тој шаренолик свет.
Со тоа има значајна улога во јакнење на чувството на љубов кон природните и културните убавини на татковината и влијае на јакнење на чувството на патриотизам кај учениците;
Од наставникот по географија се очекува да ги „приближи“ далечните светови и да ги претстави на оригинален и интересен начин. Во нив да избира интересни појави, збиднувања кои асоцијативно ќе се поврзат со конкретни простори и ќе предизвикаат трајни знаења кај учениците. Со оглед на денешните познавања на учениците и лесната достапност до информации преку интернет, од наставникот по географија се очекува голема умешност, труд, познавање на софтверски пакети и сл;
Од него се очекува географијата да ја претстави како „ПРОЗОРЕЦ КОН СВЕТОТ“;
Наставникот по географија треба да ги научи учениците колку се важни, како се организираат и како се доживуваат патувањата; колку е важно осознавањето на нови земји, култури, народи;
Наставникот по географија треба да биде вистинска „банка“ на знаење, за околината, за сопствената земја, за светот. Да открива нови видици кон светот, кон иднината и се она што не опкружува. Наставник кој умее преку организирање на географските екскурзии да шири разбирање, дружење и толеранција меѓу учениците. Наставник со „отворен ум“, спремен за прифаќање на новитети во наставата со цел да се биде поблизу до светот на новите генерации.
Токму затоа се гордееме што сме наставници по географија.
Проф. д-р Билјана Апостоловска Тошевска, Претседател на Македонско географско друштво /
iGeo