X
 26.11.2016 Образование

Инфо-карти за голем број на велосипедски и планинарски патеки во Македонија

Во изминатите неколку месеци, под покровителство на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, беа изработени и поставени близу 100 големи планинарски инфо-карти (табли) за 40-тина пешачки и 10 велосипедски патеки низ некои од најатрактивните делови на државата (Шар Планина, Кораб, Бистра, Пелистер, Јакупица, Малешевски Планини со Влаина, Козјак, Матка и др.). Вкупната должина на сите картирани патеки изнесува близу 1000 km, од кои на пешачките (трекинг) е 800 km.




Пешачка патека Матка


Картите беа изработени од страна на Тримакс картографија од Скопје, во соработка со д-р Ивица Милевски како автор на дигиталните пристапи и решенија. Секако, огромна заслуга имаат и планинарските друштва кои учествуваа во проектот со претходно извршени ГПС трасирања на патеките и кои ги доставија векторските податоци за процесот на картирање.

За да се постигне добар и јасен визуелно-ориентациски ефект, користена е најнова технологија за 3Д дигитално моделирање и далечинска детекција. Со оваа технологија, од прецизно подготвен модел на теренот, автоматски се извлечени изохипси и речна мрежа со потребна густина (во зависност од опфатот на просторот и приближниот размер). Преку дигиталниот теренски модел е поставена соодветна многу детална, контрастна и континуирана сателитска снимка, а потоа се нанесени изохипсите (со висините), хидрографските објекти, котите, натписите (на македонски и англиски) и другите содржини. Преку сите овие содржини се нанесени самите векторизирани патеки со нивните профили, километарски точки, основни карактеристики, стартни и финишни позиции и слични елементи. Во целата постапка е водена максимална сметка за добрата прегледност, избор на агол, размер, сооднос на бои, ориентација кон страните на светот и 3Д ефектот. На крај се правени проверки и евентуални корекции на забележаните аномалии или грешки, по што е пристапено кон печатење, а потоа и поставување на таблите.



Велосипедска патека Берово


Според првичните повратни информации, ваквиот оригинален пристап, дава сосема солиден визуелен ефект и многу полесна ориентација на планинарите и планинските велосипедисти, што значи и подобрена можност за користење на планинарските патеки. Во таа смисла, се очекува поставување на вакви карти-табли и низ други атрактивни подрачја низ Македонија, со што ќе се добие соодветна покриеност низ целата држава. Се надеваме дека поставените табли ќе траат што подолго и дека ќе служат на што поголем број домашни и странски планинари, планински велосипедисти и останати вљубеници во природата.



Патека Шар Планина 

Подготвил: д-р Ивица Милевски
Подготвил: Д-р. Ивица Милевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование