X
 30.01.2016 Образование

Важни прашања за кои треба да се разговара со детето

Доколку имате деца, сигурно знаете колку е важно да се разговара со нив со одбрани, вистински зборови со кои ќе го наведете на исправни мисли. „Adme.ru“ наведува 15 прашања за кои вреди да се разговара со децата.


1. Опиши го својот карактер во 5 зборови.

Оваа молба ќе му помогне на детето подобро да се разбере себеси и ќе го принуди да размисли за тоа како го гледаат останатите.

2. Што сакаш да правиш најмногу?

Со ова прашање го насочувате детето да размислува за тоа што го прави среќно и во што наоѓа најголемо задоволство. Тоа ќе му помогне само да пресуди на што треба да посвети време, а подоцна можеби дури и да избере професија.

3. Што е тоа што твоите другари може да научат од тебе?

Многу деца живеат во заблуда дека сè зависи исклучиво од нив. Во животот не треба да се мисли само на себе, туку и на околината. Одоворот на ова прашање може да го охрабри детето, да му докаже дека има нешто што другите го немаат. Кога детето се чувствува посебно, во него се буди желба за понатамошен развој.

4. Кој настан од твојот живот ти бил најтежок?

Животот не се состои само од ведри сончеви денови и шарени виножита, туку и силни ветрови и невремиња. Децата треба да бидат психолошки подготвени и за таквите денови и да знаат дека и тие ќе поминат.

5. Која лекција ја научи од тешките ситуации?

Во животот често се среќаваме со разни проблеми и сите не сме еднакво вешти да се избориме со нив. Добро е кога децата учат на своите грешки, но и на грешките на другите луѓе.

6. Од она што го учиш денес, што и како ќе искористиш утре?

Ова прашање на детето му сугерира дека и тоа еднаш ќе стане возрасна личност која треба да носи вистински одлуки и прави добри избори, и тоа врз основа на искуствата и знаењата кои ги добива претходно.

7. Ако можеш да се вратиш три години наназад, што би се посоветувал себеси?

Кога на детето му го поставите ова прашање ненадејно, ќе дознаете кои се проблемите што се собрале во неговата свест и му пречат да ужива во животот. Освен тоа, детето дознава кои се неговите грешки.

8. Кому си најблагодарен?

Ова е прашање што на детето ќе му помогне повнимателно да ја забележува добрата страна од животот и да биде благодарно за она што го има.

9. Дали разбираш како се чувствуваат другите луѓе?

Во животот е важно да се создаваат цврсти врски и да се одбегнуваат непотребни конфликти, а за тоа е потребно да ги разбираат другите луѓе. Ако вашето дете разбира што чувствуваат другите, полесно ќе се снаоѓа во било која околина.

10. Како го замислуваш својот живот во иднина?

Децата треба да мечтеат за иднината и да ја планираат. Ова прашање му помага на детето да се снајде со своите очекувања и цели.

11. Што мислиш, кој ми се допаѓа најмногу од твоето друштво?

Друштвото на нашите деца влијае на нивниот карактер. За родителите важно е да знаат кој од друштвото најмногу влијае на детето.

12. Кога би можел да станеш славен/на, како би сакал/а да се прославиш?

Ова е добар начин да сфатите што за вашето дете значи зборот „успех“. Дали успехот е врзан исклучиво за парите или нешто друго?

13. Што би променил/а во светот доколку е можно?

Мислите може да се материјализираат. Поттикнете го своето дете да прави големи дела.

14. Како денес можеш да му помогнеш на ближниот?

Животот некогаш носи болка. Затоа е многу важно да се однесуваме добро со ближните. Настојувајте детето да биде уверено дека може да им помогне на најблиските.

15. Кога би можел/а да донесеш еден закон за сите, каков би бил?

Живееме во свет кој функционира според одредени правила и закони. Децата треба да разберат дека правилата и законите не се донесени за да бидеме казнувани, туку за животот да ни биде поедноставен. Ако го сфатат тоа, децата ќе станат одговорни и ќе ги почитуваат правилата.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование