X
 18.08.2016 Образование

Песни полни со неверства, разврат и секс слушаат нашите деца на родендените

Неодамна во нашиот дом не' посети другарчето на мојот син - 10 годишно момче кое е културно, добро воспитано со културни родители... што би се рекло „дете на место“.

Задлабочен во играњето со мојот син Игор, тој започна да пее: „мала воли доларе, мала воли евре, пење се на столове воли сепаре“...

Мислев дека не слушнав добро, меѓутоа тој продолжи: „Само дај, дај, дај... само пари, само скапо, само нај, нај, нај“...

Слушам и не верувам. Ниту на она што го слушам дека излегува од неговата уста, ниту идејата дека неговите родители тоа го слушаат дома. Си доаѓам на себеси и го прашувам каде ја слушнал оваа песна.

„На роденден“, ми рече тој.

Прекрасно. Неверојатно. Педагошки методи на 21-от век, нема што.

„Да мама, а беше и онаа песна „Моја гајба пива и ја“, ми вели мојот син.

Одам на „YouTube“ за да видам што се крие позади овие еротско-алкохолни стихови и гледам милиони прегледи. Јасно ми е дека тинејџерите воглавно се музички необразовани и дека овој пејач го слуша поголем дел од нашата младина, меѓутоа зар и на детски родендени?

Каде се родителите? Што мислат воспитувачите додека ова им го пуштаат на децата? Дали некој го вклучува мозокот при организирање на родендени?

Или си велат „нека си играат“. Само што во оваа игра не играат децата, туку си играме ние возрасните. Со нив. На несериозен, незрел и неодговорен начин.

Сигурна сум дека на некои ова ќе им звучи претенциозно, но мала е разликата меѓу „мала воли BMW“ и „дај ми вутру, дај ми ризлу, дај ми дуван, додај ми упаљач, хочу сад да дувам“. Многу мала. Бидејќи мелодијата е толку примамлива што секој ќе ја научи. Посебно децата.

Сакам да кажам дека од малку зло води кон поголемо зло, па уште поголемо и така до бескрај.

Ова е тренди песна, да, и нема да го натера моето дете веднаш да посегне по пивото и тутунот, но ќе му го сврти музичкиот вкус во таа насока. Ова е доволно тој да поверува во стиховите на овој вид музика, да се соживее со неа, па како времето што ќе поминува, така автоматски да сака да живее и да се однесува - да биде во тренд.

Дали е примерно децата да го слушаат овој шунд на детските родендени?

Дали е нормално малите деца од 2,3 години и постари, да вртат со нивните задници и колкови на стиховите кои зборуваат за неверство, секс и разврат?

Дали е природно децата да се воодушевуваат на песните за неписмени медиокритети и дрогирани идиоти?

Дали организаторите на родендените имаат педагошки образ?

Дали родителите имаат уши? Дали некој овде има мозок?

Тогаш зошто не го користиме?

Ги молам сите мајки да го свртиме овој циркус во корист на нашите деца. Ајде да им го понудиме она што е навистина примерно. Да ја запреме веќе пуштената песна и да кажеме дека ова не музика за деца. Да го изгаснеме музичкото ѓубре кое навлезе во детството и свеста на нашите деца.

Можеме да успееме. Лесно и брзо. Само ако сакаме. Само ако на момент се замислиме и поверуваме во нашата сила.

Бидејќи јас не сакам моето дете да прославува родендени со песни од кретени кои мислат дека тоа што го снимиле е песна. Колку и да можам, ќе реагирам. И ова е еден од начините.

Како мајка, како воспитувач и како одговорна постара личност, ќе направам плеј листа за детски роденден, оние кои ги сметам за примерни, весели и забавни. 

 

Пишува: Јелена Ковинчиќ / Мамино благо

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование