Ретки се луѓето кои учат странски јазик без помош од наставник. Се работи за малку талентирани лица или луѓе кои вложуваат многу повеќе од останатите. Без сомневање, како и кај сите други вештини, и кај учењето странски јазик за успех е потребен вложен труд. Тоа значи дека речиси секој може да совлада некој странски јазик доколку се потруди доволно. Затоа, нема место за изговори како „мене не ми одат јазици“.
Но, тоа не значи дека морате задолжително да одите на курс или да земате приватни часови. Јазикот може да се учи и самостојно и бесплатно. Технологијата, која ни е достапна на сите и која најчесто ја користиме за забава и релаксација, може да ја искористиме и за учење. Сигурно знаете дека на интернет има многу содржини за учење странски јазици, но колку време сте потрошиле користејќи го овој извор за учење некој странски јазик?
Најголемата предност на интернетот - изобилството од информации - е истовремено и негова лоша страна. Поради тоа ни се случува и времето кое го наменуваме за учење на странски јазик да го поминеме пребарувајќи го интернетот во потрага по содржини за да ни помогнат во тоа. Да не се изгубите во бунарот од информации, нудиме некои содржини кои ќе ви го олеснат патот до совладувањето на англискиот јазик. „
BBC Learning English“ или „
Learn English - British Council“ се почетни страници за учење англиски јазик. Овие извори понатаму ќе ве проследуваат на најодбраните онлајн-содржини.
Едно место кое се препорачува за сите наставници по англиски јазик е
ТЕД. Се работи за исклучително интересни предавања од разни области, кои ќе ги гледате и слушате без да трепнете. Предавањата се на англиски јазик, а предавачите имаат убав изговор. Доколку нешто сепак не ви е јасно, достапен е транскрипт на англиски јазик, но и преводи на некои јазици блиски на нашиот. Додека ги слушате предавањата ќе учите и англиски јазик.
Правило е да се биде што поизложен на јазикот кој сака да се научи. Така, слушајте и музика, читајте книги и гледајте филмови на јазикот. Можете да следите вести на англиски јазик или да читате полесни книги или списанија.
Изложеноста на јазикот ќе ви помогне да ги усвоите зборовите, фразите и граматиката, како и да го подобрите изговорот, разбирањето и читањето, без да сте свесни за тоа. Исто како што децата го учат мајчиниот јазик.