Околу 28 милиони деца биле принудени да ги напуштат своите домови како директна последица од воените конфликти и насилствата што се случуваат низ светот. Овој е официјален податок од УНИЦЕФ.
Податоците вклучуваат 10 милиони деца бегалци и 17 милиони раселени деца. Во извештајот на УНИЦЕФ стои дека вкупно 50 милиони деца пребегале или биле раселени во потрагата по подобар и помирен живот, понастрана од насилството во нивните родни места.
УНИЦЕФ ги повикува земјите пред сè да ги имаат предвид малолетниците кои се особено ранливи на насилство и експлоатација.
Децата ја сочинуваат половината од вкупниот број бегалци кои во 2015 година побарале засолниште во странски дестинации, додека 45% од децата бегалци под заштита на ОН доаѓаат од Сирија и Авганистан.
100.000 деца патувале сами во 2015 година, што е трипати повеќе во однос на 2014 година. Изложени на секакви опасности и животозагрозувачки ситуации, овие деца побарале азил во 78 земји во текот на 2015 година. Најчесто патуваат без документи за идентификација и без каков било статус.
Откако ќе пристигнат во странските држави, се соочуваат со ксенофобија и исклученост од животот во новата средина. Токму затоа, извршниот директор на УНИЦЕФ, Ентони Лејк, гласно прашува: “Колкава е цената што ќе ја платиме ако на тие млади луѓе не им обезбедиме можности за образование и нормално детство? Како овие деца, подоцна би придонеле за своите земји? Не само што ќе им биде уништена иднината, туку на сметка на тоа ќе трпат и нивните земји.”
Извештајот е објавен во пресрет на самитот на ОН на 19 септември, каде светските лидери ќе дискутираат за глобалните миграции.