X
 15.09.2016 Култура

"Догвил" е жестока најава за претстојниот МОТ

Ако по утрото денот се познава, фестивалот „Млад отворен театар“ и годинава ќе ги буди нашите сетила, ќе отвора прашања, ќе нè замислува, па и вознемирува. Предвестие на 41. фестивал, кој официјално ќе почне на 21 септември, синоќа беше претставата „Догвил“ на „Миксер хаус“ од Белград.

Познатата тема, театарска адаптација на веќе култниот филм на Ларс фон Трир со истиот наслов, во Скопје ја донесоа шестмина актери и музичари, кои ја загреаја атмосферата во дансинг-салата на Младинскиот културен центар. Видовме приказна за нашиот град, за тоа какви луѓе сме, за насилството врз жените, малограѓанштината, во час и половина жестока игра, музика и видео. Публиката соодветно ги награди со аплаузи на бис. Популарната претстава е во режија на Кокан Младеновиќ, а улогите ги толкуваа: Бранислав Трифуновиќ, Милица Јаневски и Милица Мајсторовиќ.


Фото: Емилија Маневска

Енергичните актери максимално го искористија малиот, но функционален простор во дансинг-салата. Менувајќи и по повеќе улоги, лесно се трансформираа од една во друга, особено Трифуновиќ и Мајсторовиќ. Можеби малкумина ја препознаа – Мајсторовиќ учествуваше на шоуто „Операција триумф“ во 2008 година. Актерското светло во кое се покажа ветува многу поуспешна кариера за неа на штиците што живот значат отколку на естрадната сцена. Многу поискусниот Трифуновиќ, пак, им беше добра потпора на своите колешки. 

Едно од најдобрите решенија во претставата дефинитивно беше употребата на држачите за микрофони како реквизити и сценографија. Особено важна улога за шмекот на претставата имаа и членовите на групата „Врум“, кои музиката ја изведуваа во живо, а на моменти имаа и актерски улоги.

Сите ние понекогаш сме Грејс, девојката која сака да прави добро и да верува во доброто на луѓето. „Догвил“ е една од најбараните српски претстави во последните две години. Токму со изведбата во Скопје ја завршуваат турнејата во регионот.
Во холот на МКЦ се поместени неколку десетици фотографии од претстави, дела на Љупчо Илиевски, со кои се прави вид времеплов на фестивалот од 1984 до 1996 година.


Фото: Емилија Маневска

Млад отворен театар годинава ќе донесе 14 претстави од: Романија, Унгарија, Србија, Словенија, Хрватска, Косово, Швајцарија. Фестивалот ќе биде отворен со „Вашето кралство“ на трупата „Форте компани“ од Унгарија, во режија на Чаба Хорват.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура