X
 13.09.2019 Култура

Во МКЦ вечерва почнува МОТ по 44. пат

Двете четворки на овогодинешниот МОТ бараат посебен влог во време кога тешко е да се украде времето за убави нешта бидејќи секојдневно „другите“ го крадат шоуто, вели Русе Арсов, директор на МКЦ

Со победникот на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор „Оваа зграда (на)вистина зборува“ вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар во Скопје ќе почне 44. издание на Млад отворен театар (МОТ). Фестивалот ќе трае до 21 септември. Според Русе Арсов, директор на МКЦ, двете четворки на овогодинешниот МОТ бараат посебен влог во време кога тешко е да се украде времето за убави нешта бидејќи секојдневно „другите“ го крадат шоуто.

- Затоа оваа година малку повеќе се бавевме со „обичната реалност“ и темите како работници, миграции, профит, срам, страв, нови генерации… Ќе се обидеме девет дена да го држиме вниманието кон театарот, особено што ентузијазмот во мисијата ни е потхранет и со проектот на Томи Јанижиќ, кој толку сакал и имал потреба да го држи времето со уметност, па тоа годинава со „Се уште без наслов“ го прави во 11 часа. Програмата ни е избор на претстави од Европа, а ретко како сега отворањето е со домашниот перформанс на „Оваа зграда зборува (не) вистина“ која се закити со наградата на Прашкото квадриенале – вели тој.

По отворањето следува „Девојчето со жиците“ на малата сцена на Националната опера и балет. Сцената на сала Фросина е домаќин на вториот ден на МОТ, кога гостува Словенско младинско гледалишче со новиот проект на Томи Јанежиќ - „Сè уште без наслов“ кој трае повеќе од десет часа. Следува „Трите сестри“ од Васил Христов работена по мотиви на Антон П. Чехов - претстава за мечтата за ослободување, која запаѓа во состојбата на безизлезност, дури и пред да почне борбата. „Човековиот срам“, првично изведуван во затворот во Матера, Италија е закажан за четвртиот ден на МОТ, а потоа публиката ќе може да ја види  жестоката и предупредувачка претстава „Младина без бог“ на авторот и режисер Борут Шепаровиќ. На малата сцена на НОБ, Игор Вук Торбица ќе ја постави претставата „Бакхи“.

Железничката зграда ќе биде домаќин на шестиот ден на МОТ за проектот „Сè е во парите“ во режија на Борис Бакал. Следува романската „Момчињата на Медеја“ на малата сцена на НОБ, во продукција на „Apollo 111 Theatre“. Вечерта ќе заврши во МКЦ со „Арапска ноќ“ - драмски текст на Роланд Шимелфениг, во режија на нашата Зоја Бузалковска со музика на „Фолтин“ кои ќе бидат дел од претставата.

Плакатот на МОТ / Извор: МКЦ

„Злосторството на 21 век“ во режија на Владимир Милчин ќе се изведе народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес. Португалската театарска компанија „Arena Ensamble“ ја отвара седмата фестивалска вечер со претставата „Привремени фигури“ во МКЦ, а по неа следува премиерата на „Несоодветно за работа“ на Драмски театар во режија на Доналд Ворен Мофет.

Фестивалската програма завршува со „Чист град“ од експерименталната сцена на Националниот театар во Атина - Анестис Азас и Продромос Циникорис со приказна за петте чистачки кои станаа театрални хероини. Во рамките на придружната програма на фестивалот ќе настапи култниот бенд „Шумски“ од Хрватска и номинираните за Греми, „кумови“ на алтернативното кабаре - Tiger Lillies со едно посебно шоу, славејќи 30 години во бизнисот. Покрај двата концерти, работилница за специфична локација - „Оди и види“ во
Железничката зграда, предавање и дискусија со Мајк ван Гран во Кино Култура и промоција на книгата „Анамнезис: Дијалози на уметноста во јавен простор“ од Сандра Ускоковиќ во МКЦ.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура