Дека станува збор за еден од најдобрите фестивали во земјава сведочи и програмата и гостите кои ќе бидат дел од него. Доволно е да се каже Томас Остермаер, еден од тројцата најактуелни театарски режисери во светот, кој неделава ќе дојде во Скопје. Со престижниот театар „Види“ од Лозана, во петок ќе ја изведат претставата „Галеб“ од Антон Павлович Чехов
Остануваат уште два дена да набавите за 30 отсто поевтини карти за најпрогресивниот театарски фестивал во земјава, Млад отворен театар, кој од среда до 27 септември ќе се одржува во Младинскиот културен центар и на уште неколку алтернативни сцени во Скопје. Дека станува збор за еден од најдобрите фестивали во земјава сведочи и програмата и гостите кои ќе бидат дел од него. Доволно е да се каже Томас Остермаер, еден од тројцата најактуелни театарски режисери во светот, кој неделава ќе дојде во Скопје. Со престижниот театар „Види“ од Лозана, во петок ќе ја изведат претставата „Галеб“ од Антон Павлович Чехов.
Златко Стевковски, директор на Младинскиот културен центар се надева ќе успеат да ги повторат турканиците пред МКЦ како во осумдесетите години, кога со фестивалот раководеше Љубиша Никодиновски-Биш.
- Во последните неколку години успеавме да го воздигнеме фестивалот. Тоа што го ветивме пред две години, Томас Остермаер во Скопје, сега го реализираме – вели Стевковски.
Почнува во среда со „Форте компани“ од Унгарија
Во рамките на МОТ, во минатата недела беше изведена фантастичната „Догвил“ во режија на Кокан Младеновиќ, продукција на „Миксер хаус“ од Белград.
Официјалното отворање е закажано за среда, во 20 часот во салата „Фросина“ во МКЦ, со претставата „Вашето кралство“ во режија на Чаба Хорват од Унгарија, продукција на „Форте компани“.
- Станува збор за еден од најголемите европски режисерски надежи - Чаба Хорват. Драго ми е што ќе имаме негова продукција во Скопје. Мислам дека ќе биде баш „мотовска“ претстава. Следуваат Словенско младинско гледалишче со „Ние, европски лешеви“ на Себастијан Хорват. Истиот ден имаме театарски перформанс на Александар Мануилоф од Бугарија. На 23 септември, по многу работа и труд, прв пат во Македонија ќе го имаме еден од тројцата најдобри театарски режисери во моментот во светот - Томас Остермаер, човек кој премногу значи во тетараска Европа. На наше големо задоволство, тој ќе дојде лично во Скопје за претставата - најави Русе Арсов од МОТ.
Крај со младите театарски надежи
Следуваат уште неколку интересни претстави. Унгарскиот театар „Ујвидеки Синхаз“ од Нови Сад ќе го изведе проектот „Офф - Надминување на границите“ на 24 септември, а истата вечер соло танц перформанс од Куба ќе има Маура Моралес, познат европски перформер и кореограф.
Во недела на 25 септември ќе биде изведен т.н. македонски ден. „Без наслов (симбол)“ е проектот на кореографите Андријана Данческа и Александра Петрушевска. Националниот театар од Косово ќе ја изведе „Коските што доаѓаат доцна“ на Теки Дервиши, во режија на нашиот Мартин Кочовски, а вечерта завршува со најновата продукција на „Артопија“, независниот проект „Да го поздравиш и да ми го бациш“.
- На 26 септември имаме уште една претстава од Словенија, „Мртовецот доаѓа по љубената“, еден одлична претстава на Јернеј Лоренци, на Прешернов театар од Крањ, а следува и најрепрезентативната фестивалска продукција нa Театар Комедија -„Случајот Хармс“ на Дино Мустафиќ. Последната фестивалска вечер имаме две програми. Во Универзална сала ќа биде изведена „Мртва точка“ во решија на Раду Африм од Романија, еден од најактуелните романски режисери, а како дел од МОТ плус ќе имаме гости од регионалната мрежа на академии со „Проект правда“ што го работеа драмските академии од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора и од Македонија. Така ќе имаме „мотовско“ затворање со една плејада на нови идни театарски надежи – вели Арсов.