Некои луѓе се попаметни од други, но тоа не значи дека и другите не можат да изгледаат попаметни, отколку што се во реалноста.
Всушност, постојат неколку начини да ги убедите другите дека сте Ајнштајн на своето време уште при запознавањето.
Издвојуваме шест совети како да ги импресионирате пријателите и шефот со привидна интелектуална надмоќ.
1. Не држете алкохол в рака
Луѓето често прават идиотштини откако ќе се напијат чашка повеќе.
Не се чудете што држењето пиво во раката ве прави да изгледате помалку интелигентни. Тоа го покажало истражувањето на универзитетите во Мичиген и Пенсилванија.
„Тие што држат алкохолен пијалок во раката се перципираат како помалку интелигентни од оние што не го прават тоа“, пишуваат авторите Скот Рик и Морис Швајцер.
Во еден од петте експерименти што ги спровеле истражувачите, 300 управители разгледувале фотографии и читале записи за хипотетички интерјуа. Резултатите покажале дека управителите ги оцениле како помалку интелигентни луѓето што нарачале вино, за разлика од другите што нарачале вода или друг безалкохолен пијалок.
2. Носете очила
Истражувањата покажале дека доколку носите очила ќе изгледате помалку привлечно, но поинтелигентно.
Во една помала студија, истражувачите од универзитетот во Виена им дале на 76 испитаници да гледаат 78 слики со лица од луѓе: некои без очила, други со очила со рамки, а трети со очила без рамки, и притоа да ги оценуваат врз основа на бројни карактеристики, вклучително интелигентниот изглед и привлечноста.
Резултатите покажале дека луѓето со очила (со или без рамки) биле оценети како поинтелигентни од тие што не носеле очила. Истовремено, тие што не носеле очила биле оценети како попривлечни од луѓето што носеле очила со рамка.
3. Зборувајте впечатливо
Монотониот говор е досаден.
„Ако двајца говорници изговараат исти зборови, но едниот зборува малку побрзо и погласно, со повремени паузи и променлив тон, тој говорник ќе биде оценет како поенергичен, образован и интелигентен“, пишува Леонард Млодинов, авторот на „Subliminal: How your unconscious mind rules your behavior“.
Тој додава: „Впечатливиот говор, со прилагодување на тонот во зависност од ситуацијата, и минимум забележливи паузи, го подигнува кредибилитетот и креира впечаток за интелигентна личност“.
4. Прилагодете ја брзината на одот со другите луѓе
Студија спроведена од професорот по маркетинг при Бостонскиот универзитет, Кери Морвеџ, открила дека ако се движите побрзо или поспоро во споредба со луѓето околу вас, ќе ве сметаат за глупав/а.
За потребите на истражувањето, на 49 додипломци им проектирале филмови со тројца различни ликови што се движеле со брзина поспора од нормалната, нормална и побрза од нормалната. Според тоа, од нив се барало да наведат кој лик им изгледал интелигентно и способно.
Резултатите покажале дека попаметни и поспособни им изгледаат луѓето што се движат со исто темпо како мнозинството.
5. Облекувајте се пригодно
Истражувањата покажале дека облеката што ја носиме го обликува мислењето на другите луѓе во врска со нашата способност.
На пример, професорите што се облекуваат поформално, студентите ги доживуваат како поинтелигентни, но помалку интересни во спореба со нивните колеги што „се носат“ полежерно.
Дополнително, студија од 2012 година покажала дека луѓето што носат бели мантили, по кои се познати научниците и докторите, постигнуваат повисоки резултати на тестовите што бараат поголема концентрација.
„Облеката што ја носиме не влијае само врз другите, туку и врз нас самите“, пишуваат авторите Хаџо Адам и Адам Галински.
6. Не се плашете да признаете дека нешто не знаете
Некои ситуации бараат од вас да бидете скромни.
Во 1999 година, двајца психолози го измислија тоа што денес го препознаваме како „Данинг-Кругеров ефект“: Најнеспособните поединци ја преценуваат својата способност, додека најспособните својата ја потценуваат. Па, ако сакате да импресионирате некој што е изверзиран во човечкото однесување, најдобро е да останете скромни.
Авторите Стефан Дабнер и Стефан Левит нè советуваат да си признаеме кога нешто не знаеме, бидејќи на тој начин изгледаме
способни а скромни, се разбира, со тоа што оставаме простор дека ќе го надоместиме пропустот.