X
 16.02.2019 Живот

Ресторан во Шабац воведе парична казна за користење мобилен телефон

„Разговор очи в очи, а не очите во телефон“ е девизата на еден ресторан од Шабац, Србија, чија сопственичка сакала нејзините гости да се дружат и да разговараат повеќе наместо поголемиот дел од времето да го поминуваат зјапајќи во телефонот.

Ана Васиќ, сопственичка на локалот, сака луѓето да се дружат повеќе, па во програмата воведува и караоке, како и стендап и книжевни вечери. За децата има магионичари и „Не лути се, човеку“. Таа вели дека основната идеја ѝ е луѓето да се зближат и повеќе да се дружат и запознаваат.

- Во ред, сите сме прекрасни на „Фејсбук“ и на „Инстаграм“, убаво се облекуваме, се забавуваме, патуваме, што и да е, но ајде тоа да не го прикачуваме и лајкнуваме, туку да зборуваме за тоа, да разменуваме впечатоци, совети. Неодамна првпат организиравме караоке и не беше лошо - вели Ана.

Сепак, најмногу внимание привлекле најавите за „казнени мерки“ за гледање во телефон, кои Васиќ на шега ги најавила на својот профил на „Фејсбук“.

- Се пошегував дека ако некој стави телефон на масата, и само да фрли поглед, келнерот ќе му наплати казна од 10 динари - вели таа.

Додава дека овие „пенали“ засега важат само за нејзиното друштво, но дека е можно да имаат и поширока примена. Иронично, објавата на „Фејсбук“ со која Ана ја најави борбата против лајковите и животот на социјалните мрежи привлече најголема интеракција.

Васиќ посебно внимание им посветува на младите, за кои смета дека имаат најголеми барања кога станува збор за опуштање и дружење.

- Забележав дека мојата генерација, а имам 37 години, и постарите генерации многу полесно стануваат да играат на прославите. Повеќе се дружат отколку младите. Ним им треба повеќе време, можеби дури и алкохол за да се опуштат. Притоа, најмногу се приковани за телефоните - вели таа.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот