X
 24.09.2020 Живот

„Ориент експрес“ доцнел само еднаш во текот на своето постоење

Уште во првите години по крајот на Првата светска војна, Франција ја презела организацијата за одбележување на крајот на војната. Како по правило, секоја година се собирале претставниците на сојузничките сили кои извојувале победа и учествувале во заедничка прослава.

Така било и во 1928 година, кога се одбележувала десетгодишнината од крајот на најкрвавиот конфликт во историјата, а за официјалните лица од Србија, земјата која во Првата светска војна имала најмногу жртви, Франција го испратила најпознатиот воз - „Ориент експрес“ да ги однесе во Париз.

Така и било. Возот познат по својата точност пристигнал во Белград и на железничката станица ги чекал патниците. Почнале да се качуваат генерали, политичари и други важни луѓе. Сепак, францускиот амбасадор кој отишол во Белград имал очи само за една жена - Милунка Савиќ. Но, таа не се качила. Стоела меѓу луѓето и со поглед ги испраќала оние што оделе на прославата. Амбасадорот не издржал, ѝ се приближил и ја прашал зошто не оди со нив во Париз.

- Немам пари за тоа - скромно одговорила Милунка.

Милунка била српска хероина во Првата светска војна, наредник во српската армија „Кнез Михајло“, жена со најмногу признанија во историјата на војувањето, на која Французите толку многу ѝ се воодушевувале, па дури и ѝ доделиле два ордени. Истата таа Милунка која ја викале „српската Јованка Орлеанка“.

Амбасадорот сфатил дека мора да реагира брзо и одлучно. Наредил возот да не замине без Милунка. Присутните брзо собрале пари за карта, а за тоа време тој ја организирал потребната документација.

„Ориент експрес“ никогаш претходно не доцнел ни една минута. Сепак, од Белград тргнал со задоцнување и со една патничка повеќе...

По оваа случка Милунка се вратила во Србија. Во Белград, сама со три ќерки, долго не можела да најде никаква работа. По иницијатива на нејзините соборци, од 1929 година била вработена како чистачка на канцеларијата на директорот на хипотекарната банка во Белград, каде што го поминала поголемиот дел од работниот век.

Запоставена и напуштена од сите, пензијата ја стекнала работејќи. Ја одбила понудата да се пресели во Франција и да добива француска воена пензија. Наместо тоа, избрала да живее во Белград, каде што луѓето брзо ги заборавиле нејзините заслуги.

Извор: Istoriskizabavnik.rs
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот