Речиси половина од младите во Македонија, односно 51 процент, преземаат напори да направат промена во општеството, додека пак 34 отсто од испитаниците се изјасниле дека сме подалеку од влезот во ЕУ во споредба со минатата година. Само 45 отсто од младите сметаат дека земјава ќе стане членка на ЕУ, што е пад од 15 процентни поени од пред две години. Ова се резултатите од истражувањето спроведено од страна на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД).
Истражувањето покажува оти младите не се информираат за политичките случувања, односно 57 отсто од нив ретко ги следат политичките настан или, пак, воопшто не го прават тоа. Во однос на младинските прашања на локално ниво, младите како приоритет за работа на локалните самоуправи го издвојуваат вработувањето, односно 22 отсто сметаат дека тоа е најважно, но понатаму на листата се наоѓаат и образованието со 15 проценти и инфраструктурата, јавниот превоз и подобрата животна средина, за кои 14 отсто сметаат дека се важни.
Ова истражување на Фондацијата е спроведено во декември 2021 година на репрезентативен примерок на млади на возраст од 15 до 25 години. Ова е трето годишно истражување на ВФД на оваа тема.