X
 16.06.2017 Здравје

Отворено со Коста Петров: Пет години, со нападите на анксиозност умираше дел од мене

„Првиот напад на анксиозност го имав во 2008 година. Бев на работа и го пиев утринското кафе кога срцето почна забрзано да ми чука. Мислев дека имам инфаркт. Цело мое тело вибрираше со отчукувањето на моето срце. Паднав во несвест и следно што знам е дека се разбудив во болница во Дубаи. Докторот ми кажа дека требале да ми дадат два „валиуми“ за да ми се смири срцето. Тогаш за прв пат ми кажаа дека моите симптоми се резултат на анксиозност“, вели Коста Петров, писател и еден од најпродаваните современи македонски автори, основач и извршен директор на ,,Пи ворлд”, глобална креативна агенција. Тој сподели со нас како изгледало неговото соочување со анксиозноста, како ја препознал и се справил со неа.

Анксиозноста е чувство на вознемиреност и напнатост, а aнксиозната личност се чувствува загрозено, иако не ја знае причината за тоа. Таа е се почест проблем на луѓето во современото живеење, а многу лекари велат дека добива епидемиски размери. Оние кои се соочуваат со анксиозност чувствуваат напнатост, немир, незадоволство и неодреден страв. Анксиозноста е симптом, кој може да наведува на голем стрес или на анксиозни растројства, а ако трае долго, објаснуваат психијатрите, може да доведе до болести. Затоа, многу е значајно навреме да се побара помош.

„Се мразев себе си, живеев во страв“

- Секогаш кога имав напад на анксиозност мојот лекар ми велеше дека се е во ред со мене и дека не се умира од тоа. Вистината беше дека со секој напад дел од мене умираше. Се мразев себе си. Немав желба за живот и живеев константно во страв кога ќе се случи следниот напад на анксиозност. Не можев нормално да функционирам, ниту да бидам опкружен со луѓе. Во некои моменти ми беше страв и да јадам бидејќи мислев дека ќе се загушам. Ми беа потребни пет години да се изборам со ова зло – раскажува Петров.

Тоа, вели, му биле можеби најтешките пет години во животот, но од денешна гледна точка, токму тие најболни моменти му ги донеле најголемите животни лекции.

Анксиозноста ја опишува како личност со која не сакате да имате ништо заедничко а таа е константно до вас, со вас.
- Ви дише во врат. Ви вели дека не сте доволно добри. Не ви дозволува да живеете. Ве плаши дека сте создадени да бидете жртва и дека сте створени за неуспех. Личност полна со лаги на која слепо и веруваме - раскажува.

Манифестација на страв од неуспех

Тој прво се консултирал со психолог и психијатар и имал огромна помош од нив, но со тек на време сфатил дека мора самиот да ја избори оваа битка.
- Ми беа потребни шест месеци макотрпна работа на себе за да сфатам зошто ми се случува тоа што ми се случува. Сфатив дека анскизоноста е крајниот резултат на потиснато чувство и страв во нас. Научив дека анскизоноста кај мене е всушност манифестација на стравот од неуспех. Со тек на време креирав сопствена дефиниција за успех и не дозволував веќе мислењата и дефинициите на другите да допрат до мене – вели Петров.

Побарана или понудена помош има удел во битката со анксиозноста, но, вели нашиот соговорник, вистината е дека на крајот од денот самите ќе морате да се изборите.
- Побарајте професионална помош, но и работете на себе. Анскиозноста може да се победи само ако ја идентификуваме причината поради која таа постои. Доверете се на пријател, на близок, на психолог. Не дозволувајте анскиозноста да ве победи – советува.



Научив да се соочувам

Најголема помош Петров добил од својот духовен учител кој му помогнал да ја открие причината за анксизоноста. Пред тоа не знаел со што се бори. Не знаел што треба да прави.
- Кога сфатив од каде доаѓаат нападите и зошто ми се случуваат тогаш ми беше полесно да се справам со болката. Кај мене нападите најчесто се случуваа пред да заспијам, односно ми беше страв да заспијам бидејќи мислев дека кога ќе ги затворам очите нема да се разбудам. Научив да легнувам со позитивни мисли и да се дефокусирам од деструктивноста која ми ја сервираше стравот во мене. Исто така, научив и да комуницирам со стравот. Го замислував како личност до мене. Му кажував дека не се плашам, дека ќе го победам! Можеби не успеав целосно да го победам, но научив да го трансформирам во нешто позитивно. Пронајдете ја причината за анксиозноста! Дознајте што довело до нападите и научете да ги трансформирате негативните мисли во нешто позитивно – вели Петров.

Секој е своја приказна

Анксиозноста може да биде поврзана и со опсесивност и потење, постојано чувство на притисок, стегнатост, немоќност за опуштеност и релаксација, немање животна радост, чувство на блиска пропаст, постојана прекумерна загриженост, напади на паника, изолација, проблеми со спиењето, проблеми со варењето на храната, напнати мускули, болки по телото, качување на крвниот притисок, срцебиење. Луѓето кои се соочуваат со неа се жалат и на замор, главоболки, тресење на рацете и нозете, тешкотии при голтање, при дишење, намалена концентрација, иритабилност, несоница, чешање... Секој човек, објаснува д-р Соња Невистиќ, психијатар во Здравствен дом - Скопје, е своја лична приказна и кај секого анксиозноста може различно да се манифестира. Имаме епидемијата на анксиозност, смета таа, веројатно поради тоа што се повеќе луѓе се соочуваат со неа, но и зашто се повеќе ја препознаваат и бараат помош. Доколку две до четири недели секојдневно чувствуваме знаци на анксиозност, тогаш е веројатно да станува збор за оваа состојба и треба да се побара помош.

- За жал има и се повеќе млади кои имаат анксиозност. Живееме во време во кое се соочуваме со несигурност, со економски и финансиски предизвици и со нови општествени норми и трендови. Големо влијание врз нас им виралниот свет, каде што се среќаваме со информации кои ни прават непотребни притисоци. Во исто време непотребно сме бомбардирани со многу негативни вести, кои предизвикуваат страв – вели д-р Невистиќ.

Повеќе самопочит, самодоверба и самосвесност

Често сме преморени и истоштени, а имаме и многу акумулиран стрес. Мора да најдеме начин, советува докторката, да поработиме повеќе на себе. Така ќе се сакаме повеќе, ќе имаме поголема самопочит, самосвесност и самодоверба.

- Не смееме да заборавиме на топлината на семејството и треба да ги негуваме добрите односи и позитивната комуникација. Љубовта и вербата се многу значајни. И нема зошто да прифаќаме наметнати стандарди и норми на однесување кои не се во согласност со нашите верувања. Кога имаме поголема самопочит, самодоверба и самосвесност може да им одолееме на различните притисоци и новите трендови и правила на однесување кои ни се наметнуваат - додава д-р Невистиќ.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје