X
 16.06.2022 Наша тема

И покрај инфлацијата, Македонците ќе одат на одмор - најмногу во странство

Растечката инфлација, економската криза и очекуваниот дополнителен раст на цените не се доволни аргументи за да го разубедат мнозинството во одлуката за одмор летово.

Иако војната во Украина сѐ уште трае и се очекува дополнително да ја заостри кризата и да ни донесе неизвесна зима, сепак, дури 66,7 проценти од учесниците во анкетата што ја спроведе Факултети.мк - „Дали инфлацијата ќе ви го изгори летниот одмор?“, кажаа да на одењето на летен одмор. Преостанатите 33,3 проценти од вкупно 201 одговор се решени летово да штедат со цел финансиски да ја издржат оваа неизвесна година.

- Заради море и заради одмор (пред сѐ, ментален одмор) од сите секојдневни нервозни случувања во нашата чудесна Македонија – вели еден читател.


„Во странство е поевтино, а во Охрид е скапо, и апартманите се од времето на Тито“

Дури 83,7 проценти од анкетираните што ќе одат на одмор се изјасниле дека ќе летуваат во странство, додека другите ќе си го тестираат паричникот на некоја домашна летна дестинација. 63,7 проценти од луѓето што ќе одат на одмор се изјаснија дека тоа ќе биде во сопствена режија, односно приватно сместување, додека 27,5 проценти во хотел, а само 8,8 проценти се љубители на кампувањето.


- Поевтино излегува летувањето во странство. За 400 евра добивате ол инклузив на море со авион. А во Охрид, студена вода, апартмани од време на Тито, ресторани со цени до врв, лежалки изгор, така што без 300 евра нема шанси да се помине, а многу се полоши условите - вели еден од испитаниците.

Има и такви случаи каде што луѓето имаат уплатено за одмор уште пред едно лето, но поради пандемијата и забраните за патување, нивните ваучери се на стенд-бај и ова лето конечно ќе можат да ги искористат. 

- Веќе одамна уплатено и не сакаме да ни пропадне капарот, а и не сме мрднале никаде поради короната – вели еден од анкетираните.


Од тие што нема да одат на одмор летово, 62,6 проценти како причина го наведуваат немањето финансии, 11 проценти ќе штедат за зимата, а 8,6% немаат време.




Не би се одлучиле да земат кредит за одмор

Дека ние, Македонците, си го цениме одморот е доволен показател тоа што 58,7 проценти би скратиле од личните потреби за да отидат некаде летово, додека преостанатите 41,3 отсто не би го направиле тоа.

Само 8,5 проценти би зеле кредит за да го исплатат одморот, наспроти 91,5 проценти кои не би се решиле на таков чекор.



Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема