Во малечко гратче во Италија, во близина на Виченца, веќе неколку години жителите учествуваат во интересен проект за размена на книги. Во дебело старо дрво во градскиот парк се наоѓаат многубројни наслови што може бесплатно да се позајмат за читање. Исто така, секој може да остави книга што ја прочитал за да им биде достапна на другите.
- Книгата што ја имаш во рацете некој ја купил, прочитал и потоа решил да им ја остави на другите што ќе го најдат истото задоволство читајќи ја. Кога ќе ја прочиташ, врати ја овде за и другите да можат да го продолжат синџирот на читање - стои на секоја книга што е дел од оваа размена.
„Дрвото на книгите“ е направено од делови од стари стебла во чија внатрешност се наоѓаат многу книги. Ваквата креативна употреба на старите стебла од паркот кои го завршиле нивниот животен век била идеја на архитектот Ренцо Пријанте.
- Дрвото беше подарок од професорката Џована Коста за нашиот град. Функционира од 2012 година со цел да обезбеди мобилност на книгите. Сите можат да земат книга и се повикани да остават книга што другите би можеле да ја прочитаат - вели Тицијана Кадалдини од Фондот за историски наслови на библиотеката на градот Скија.
Фото: rts.rs
- Станува збор за акција што нè учи на култура на подарување и на задоволство на класично читање - вели професорот Џузепе Пјаца. Тој потсетува дека за време на отворањето на „Дрвото на книгите“ бил претставен и проектот на мобилна книга чија цел е да поддржи поширока иницијатива, наречена „Бук кросинг“. Оваа иницијатива во светот трае со години и поддржува слободно и бесплатно циркулирање на книгите.
- Времето покажа дека станува збор за доста популарна иницијатива, понекогаш нема доволно простор за сите книги што граѓаните сакаат да ги остават за другите да ги прочитаат. Проектот функционира добро бидејќи нашето дрво никогаш не е празно. Многу сограѓани се вклучени во размена на книгата. Бројот на разменети примероци е значаен, на овој начин се разменуваат најмалку сто наслови месечно - вели Кадалдини.
Тој нагласува дека Берлин е една од најпопуларните локации меѓу европските престолнини каде што функционира овој проект и додала дека и останатите европски градови користат
различни начини на промовирање на размената на книги: некои оставаат дрвени кутии во парковите, други користат стари телефонски говорници...