Во слепа улица во Тајпеј, со костур што со чаша вино и цигара ве пречекува на влезот, е скриено необично кафуле со уште понеобично име - „Мизантропско друштво“.
На ѕидот на самиот влез, покрај костурот, е напишан цитатот на Франц Кафка: „Постои неограничена количина на надеж во универзумот... но не за нас“.
Ова единствено место е направено за оние што сакаат да се одморат од луѓето.
На ова
место преовладува црниот хумор, а мир може да најдат сите што сакаат да побегнат од другите, да се напијат пијалак или сами да уживаат во својот оброк.
Тука се служат коктели со необични имиња, па така има „Гоуст Ајленд Ти“, кој се прави од тајванска вотка. Коктелот „Кафеске“ е мешавина од кафе и вотка, додека „Ноу лонгер хјуман“ се добива од мешавина на алкохолниот пијалак „мидори“, бренди и вотка.
Ако го нарачате коктелот „Лест Вордс“ (Последните зборови), ќе ве замолат на парче хартија да си ги напишете последните зборови што би ги кажале на смртна постела и таа хартија ќе биде додадена во купчето со туѓи последни зборови.
Црниот хумор и црниот декор се одлика на овој бар: црни ѕидови, црно мени, црни чинии - дури и пилешкото е црно, бидејќи се потопува во традиционална тајванска сурутка од ферментиран грав. Оние што ќе порачаат пилешко ќе го добијат во пламен за да ги потсети на пеколот.
Целиот амбиент е надополнет со познатиот цитат од Жан Пол-Сартр кој е напишан на ѕидот: „Пеколот се другите луѓе“.
Сопственикот на кафулето, Чен Шаогвај, кој страдал од сериозна депресија, сакал да создаде место каде што ќе се чувствуваат добро и оние што не се друштвени луѓе.
- Името „Мизантропско друштво“ значи дека тука можете да го мразите светот колку што сакате. Сакам да ги привлечам луѓето со мрачна страна на ова место за да си помогнеме едни на други да ја почувствуваме „топлината на различните луѓе“ - вели Чен.
„Мизантропско друштво“ се наоѓа во една од најживите области во Тајпеј, во близина на ноќен пазар на кој се продаваат облека и храна. Но, сопственикот нашол совршено место да го смести овој специфичен бар - во мрачен агол на слепа улица до која не допира светлината.
Чен дошол до идејата да отвори ваков бар откако поминал еден месец во болница за ментално здравје, каде што добил соодветна нега, но повторно се чувствувал лошо откако излегол.
- Во мојот случај, најважно е тоа што излегов од мракот за да им помогнам на другите луѓе, пријателите кои ги запознав во болница - вели Чен, кој претходно работел како инженер.
Сепак, многу депресивни луѓе што го посетуваат кафулето не пијат алкохол бидејќи им ги влошува симптомите или не смеат да го мешаат со нивните лекови.
Освен пијалак и храна, тука можете да купите и кафе и книги, меѓу кои има автобиографии, романи за мрачните епизоди од животите на луѓето и дела од областа на психологијата.
Барот бил отворен во февруари минатата година и Чен вели дека во него луѓето доаѓале да плачат, да разговараат со него, да читаат книги. Тој сега има десетици редовни клиенти кои имаат исти ментални нарушувања, па на тој начин формирале мрежа на меѓусебна поддршка.
Во Тајван не се зборува многу за психичкото здравје, а оние што имаат нарушувања се стигматизирани и немаат со кого да разговараат за проблемот.
- Луѓето веројатно можат да зборуваат само со нивните семејства и пријатели, кои баш и не ги сфаќаат, особено родителите и постарите генерации кои не знаат ништо за проблемите со менталното здравје - вели Чен.
Постарите луѓе сметаат дека овие проблеми можат да се решат во разговор со свештено лице или со помош на алтернативни методи што подразбираат суеверие.
Во ова кафуле можете да порачате што сакате, важно е само како ќе ја формулирате вашата нарачка. Чен еднаш добил барање да направи коктел за личност која се чувствувала како општеството да ја заробило, па за овој клиент направил коктел со силен вкус.
- Дали сакате да се вратите во реалниот живот? - ве прашува знакот закачен на вратата кога ќе сакате да излезете.