X
 16.09.2019 Живот

Едвард Сноуден сака Емануел Макрон да му додели азил во Франција

Едвард Сноуден, кој избега во Русија откако разоткри масовен надзор во САД, би сакал Франција да му даде азил, јавува дописникот на МИА.

Во интервјуто за јавниот радиосервис „Франс интер“, кое утрово беше целосно емитувано, Сноуден апелира до Франција и до претседателот Емануел Макрон да му доделат азил.

- Јас поднесов барање за азил во Франција во 2013 година од (за време на поранешниот претседател социјалистот) Франсоа Оланд. Се разбира, многу би сакал господин Макрон да ми даде азил - рече тој.

Сноуден веќе побара заштита од повеќе од дваесет земји, меѓу кои Франција и Германија, но беше одбиен од една или друга причина.

- Не сакаме Франција да стане како оние земји што не ги сакате. Најтажниот дел од оваа приказна е дека единственото место каде што американскиот свиркач има можност да разговара не е во Европа, туку е тука (во Русија). Заштитата на свиркачите не е непријателски чин. Да се ​​прифати некој како мене не значи напад на САД - рече тој.

Ова интервју за „Франс интер“ не е случајно: Едвард Сноуден утре ќе ги објави неговите мемоари, објавени истовремено во дваесет земји, вклучувајќи ги САД, Франција, Германија, Велика Британија, Бразил и Тајван. Оригиналното дело, напишано од Сноуден, е објавено во Соединетите Држави од „Метрополитен букс“ (Макмилан) под наслов „Постојано следење“. Француската верзија „Живи мемоари“ е објавена од „Едитион де Сој“.

Вработениот во американската разузнавачка агенција НСА, Едвард Сноуден, стана „свиркач“ откако во 2013 година откри постоење на глобален систем за следење на комуникациите и интернетот. Тој избега во Русија во 2013 година и неговата дозвола за престој беше обновена до 2020 година. САД го обвинија за шпионажа и кражба на државни тајни.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот