X
 28.03.2018 Живот

Франција воведува задолжително образование од тригодишна возраст

Децата во Франција наскоро ќе мора да одат на училиште уште од тригодишна возраст, како последица на новите мерки што ги најави тамошниот претседател Емануел Макрон. Во моментов во Франција задолжителното тргнување на училиште е од шест години, иако од 1989 година родителите имаат законско право да го пуштат детето на предучилишно воспитување од тригодишна возраст и голем процент го искористуваат тоа право бидејќи образованието е бесплатно.


Фото: The Local

Но, во иднина тие нема да имаат избор бидејќи Макрон најави дека од септември идната година возраста за задолжително посетување настава ќе биде намалена на три години.

- Одлуката ја отсликува желбата на претседателот да го направи училиштето место на вистинска еднаквост и е признание дека предучилишното воспитување веќе не треба да се смета само како форма на дневен престој или подготовка за основно училиште, туку како вистинско училиште фокусирано на обогатување на јазикот и развојот на детето - истакнаа од Елисејската палата.

Во учебната 2015/2016 година речиси 98 отсто од децата на тригодишна возраст во Франција оделе на училиште. Но, тие 98 отсто не се еднакво распределени. Во Париз процентот е 93, додека на Корзика 87.

- Се надевам дека со оваа обврска, од почетокот на учебната година во 2019 ќе можеме да ја поправиме оваа неприфатлива разлика - истакна Макрон.

Се очекува со оваа мерка да се создадат околу 800 нови работни места.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот