Христина Марковска од Основното училиште „Ристо Шуклев“ од Негорци го освои првото место на општинскиот натпревар „Млади библиотекари“ што се одржа денеска во организација на градската библиотека „Гоце Делчев“ од Гевгелија.
Таа, во конкуренција на осум натпреварувачки од основните училишта во Општина Гевгелија, даде најпрецизни одговори на прашањата од прирачникот за млади библиотекари и заслужено триумфира пред втората Ивана Кочева, исто така од училиштето во Негорци, и од третопласираната Николина Митрова од Основното училиште „Св. Климент Охридски“ од Миравци.
- Натпреварот за млади библиотекари е установен во 2000 година за да го промовира читањето, да влијае врз негувањето навика за користење на библиотеката од страна на најмладата популација, но и да ја афирмира професијата библиотекар - велат организаторите.
Победничката Христина Марковска стекна право на учество на државниот натпревар што ќе се одржи на 16 ноември во Демир Хисар.
Извор: МИА