X
 16.10.2021 Живот

Во оваа земја ќе научите што е благосостојба и како функционира кармата

Кралството Бутан полека ги отвора своите граници, а еден будистички монах за Би-би-си ги споделува тајните за разбирање на уникатниот пристап на нацијата кон среќата.

- Среќата е грижа на сите. Без оглед дали признавате или не, среќата е целта на секое човечко суштество - вели Кедрупчен Ринпоче.

Петтиот реинкарниран и поглавар на храмот „Сангчен Огјен Цуклаг“ во Бутан знае сѐ за потрагата по среќа. На оваа позиција бил назначен во 2009 година, кога имал само 19 години и во тоа време во Бутан се сметал за еден од најмладите ринпоче, односно духовни учители. Следната година од животот тој ја посветил на подучување на светот за будистичките принципи и начинот на кој тие можат да се применат за секој ден од животот да биде посреќен, без оглед на културата и религијата.

На позиција помеѓу економските и политички сили, Кина и Индија, со нешто повеќе од 760.000 жители, Кралството Бутан е познато низ целиот свет по својата неконвенционална мерка за национален развој, наречена бруто-национална среќа. Четвртиот крал на Бутан, Џигме Сингје Вангчук, уште во 1972 година го имплементирал овој необичен концепт. Избегнувајќи ги традиционалните економски детерминанти, Бутан го оценува просперитетот во земјата врз основа на одржлив и еднаков социо-економски развој, зачувување на животната средина, зачувување и подобрување на културата и добро управување.

- Бруто-националната среќа е збир на колективни услови кои се генерално потребни за секого за добар живот - вели ринпоче за Би-би-си.

butan
Фото: Pixabay

Пред почетокот на пандемијата тој патувал низ целиот свет и одржувал предавања и работилници. Работел и на изградба на првата будистичка академија во Бутан, која ќе биде достапна за сите што се заинтересирани да научат за будистичката филозофија, без оглед на потеклото и верата.

- Сѐ што правев беше ставено во мирување. Одлучив ова да го гледам како можност да го продлабочам моето искуство и да се изолирам. Отидов на планина и живеев таму со многу малку храна, во тешки временски услови, без засолниште освен пештера. Сето ова ми даде време навистина да ги апсорбирам моите учења. Она што стана многу јасно е дека вистинската среќа нема никаква врска со нешто од надворешниот свет. Таа е едноставно вродена - категорична е ринпоче.

Сепак, тој нагласи дека не треба да се оди во крајност за некој да најде мир. Тој објасни дека среќата треба да се бара во личните искуства и дека постојат четири основи за тоа: добрина, сочувство, неповрзаност и карма што секој може лесно да ги прифати во која било точка од својот живот, од каде било.

Како што објаснува, клучот за создавање среќа, не само на лично ниво, е поврзан со добрината. Пред сѐ, важно е некој да биде љубезен кон себе, што индиректно води кон друга основа за среќа, односно сочувство кон другите.

- Мора да се сакате себеси и навистина да знаете дека сте доволно добри, без оглед на околностите. Оттаму, можете да го проширите тоа сочувство и кон другите - објаснува овој духовен учител.

Третиот столб на ринпоче, неповрзаноста или непостојаноста, е будистички концепт кој е во коренот на бутанската култура.

butan
Фото: Pixabay

- Кога нешто ќе тргне наопаку, немојте веднаш да бидете депресивни бидејќи работите ќе се променат. Ако прифатиме дека сите работи се непостојани, тогаш тоа значи дека може да има промени, а со промените има надеж - вели ринпоче и додава дека ова важи и за позитивните работи во животот.

- Прифаќањето дека нештата не траат, вклучително и успехот и богатството, ви овозможува вистински да го цените она што го имате при рака - вели тој.

Осврнувајќи се на кармата, ринпоче наведува дека терминот е погрешно разбран и погрешно протолкуван. Затоа тој наведува дека кармата не значи дека сѐ добро или лошо што некој го прави ќе се „врати“, туку ја претставува свесноста дека сѐ што правиме има влијание врз светот околу нас.

- Тоа е исто како да садиш семиња од дрвја. Ако садиме семе од манго, добиваме дрво од манго. Не можеме да засадиме семе од јаболко и од него да очекуваме да порасне дрво од манго. Верувањето во карма е можност за вас да се трансформирате, да се обликувате себеси, навистина да работите на тоа кој сакате да станете и да го правите она што сакате да го постигнете  - објаснува ринпоче.

Иако ринпоче тврди дека Бутан е неверојатно мирен и ја има таа величествена и чиста природна средина, тој исто така признава дека кралството има свои проблеми, како и секаде на друго место. Инфлацијата продолжува да расте, при што вкупниот индекс на потрошувачки цени порасна за речиси 9 отсто во изминатата година. Несигурноста во храната е исто така реалност (Бутан увезува околу 50 отсто од храната) и земјата забележа речиси 15 отсто зголемување на трошоците за храна. Затворањето на нејзините граници од март 2020 година до август 2021 година, исто така, значеше дека и најмалку 50.000 лица што работат во туристичката индустрија ги загубија своите работни места и егзистенција.

butan
Фото: Pixabay

Сепак, доброто управување, еден од темелите на бруто-националната среќа, беше клучно за опстанокот на Бутан во текот на пандемијата. Брзиот одговор на Владата на социо-економското влијание на коронавирусот беше пофален од меѓународната заедница, бидејќи го одложи плаќањето на даноците и издаде финансиска помош за граѓаните. Членовите на парламентот ја донираа месечната плата . Владата, исто така, даде приоритет на вакцинацијата на нејзините граѓани и во моментов 90,2 отсто од подобното население се целосно вакцинирани.

- Она што е толку посебно да се биде Бутанец е тоа што секогаш постои обединето чувство на благодарност, заедничка благосостојба и национален идентитет - вели Тинли Коден, социјален претприемач и консултант.

Коден верува дека дел од причината зошто Бутанците гледаат на среќата поинаку од другите култури е нивната способност да ги усогласат минатото и сегашноста.

- Бутанската култура е силно вкоренета во нашите традиции и духовни вредности, но ние сме многу прогресивно и практично општество. Општо земено, нашата култура и религија не се пропишани и не се црно-бел избор, туку се движат по средниот пат во секојдневниот живот - вели Коден.

Ако има еден совет што ринпоче би можел да го сподели со светот, тоа би бил следниот:

- Секогаш запомнете дека најважно е да го живеете животот во сегашниот момент и дека среќата не е нуспроизвод на надворешни фактори, туку резултат на позитивно условување на вашиот ум. Среќата е на дофат на сите.

Извор: ВВС
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот