X
 16.11.2021 Образование

Алумни клуб на УКЛО - впечатоци од д-р Наташа Несторовска, член на Управниот одбор на Стопанска банка АД Битола

Дозволете ми на почетокот да се заблагодарам на поканата да бидам член на УКЛО Алумни клубот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола. Моето задоволство е уште поголемо и поради фактот што и претставник на моето потесно семејство беше еден од иницијаторите за основање овој универзитет, кој низ годините покажува дека оваа иницијатива, која стана реалност, била оправдана.

Своето факултетско образование го завршив на Економскиот факултет во Прилеп, каде што се стекнав со одлични познавања за професијата со која се занимавам и тоа ми претставуваше солидна основа за понатамошното образование како магистер и доктор на науки во областа на менаџментот.

1

Живееме во време кога сме сведоци на постоење на многу факултети и универзитети во Република Северна Македонија, но исто така и сѐ почесто се среќаваме со дипломирани студенти кои, за жал, не ги исполнуваат барањата на работодавците. Со задоволство можам да потврдам дека вработените во институцијата во која работам и со која управувам, а кои потекнуваат од Факултетите од овој универзитет, во голема мера се истакнуваат со својот квалитет.

Токму во оваа насока ја гледам и својата улога во членувањето во овој клуб, со своето искуство и знаење да придонесам кон промоција на Универзитетот во средината во која живеам и работам, но и со свои предлози да придонесам за воведување програмски содржини кои ќе бидат потребни во оваа нова реалност со која се соочуваме.

2

Исто така, улогата на Алумни клубот ја гледам уште повеќе и во активирање на стручниот кадар на Универзитетот во практичното работење на компаниите, каде што науката треба да го даде својот придонес во решавање на секојдневните проблеми со кои тие се среќаваат, но и предлагање техники и стратегии за нивно менување и приспособување на промените со кои сите се соочуваме.

Би сакала уште да напоменам и некои други предности кои сметам дека Универзитетот Св. Климент Охридски“ ги има и треба да се искористат. На пример, местоположбата на Универзитетот. Мое лично мислење е дека позиционирањето на Универзитетот на јужниот дел од државата, во Битола, односно фактот што не е лоциран во главниот град не е хендикеп, туку предност. А за тоа потврда е институцијата во која работам - Стопанска банка а.д. Битола. Таа е единствена банка во Републиката чие седиште е надвор од главниот град и можам со сигурност да потврдам дека тоа е предност која треба да се искористи. Од друга страна, градот Битола се наоѓа на само 20 км од границата со Република Грција – односно само 20 км нѐ делат до Европската Унија. Прекуграничната соработка со институции со заеднички интерес, но и понуда на акредитирани програми и на англиски јазик и на студенти кои не се државјани на Република Северна Македонија, понуда и на онлајн предавања може да бидат нов предизвик за факултетите што припаѓаат на овој универзитет.

3

Ова се само некои од активностите за кои сметам дека треба да бидат предизвик на овој Алумни клуб, а за кои сум сигурна, и според составот на членството, дека ќе бидат целосно реализирани.

На крајот, дозволете ми уште еднаш да го честитам основањето на УКЛО Алумни клубот и да посакам успех во неговата работа.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование