Нашите најмали сега се вратија на училиште, а ние сме среќни за тоа. Но, би сакал да зборувам за нашата младина. Оние што сè уште чекаат и копнеат. Би сакал да им кажам на младите, не сте заборавени!
Сега е крајно време да ѝ се заблагодариме на нашата младина. Тие направија навистина голема жртва. Последните недели возрасните беа во неверување поради забрана за одење во викендици и фрустрирани што мораат да работат од дома. И јас сочувствувам со нив!
Но, викендиците ќе почекаат сето ова да помине. На работа, исто така, сè ќе се врати во нормала. А кога сте млади, ништо подоцна не може да се спореди со ова сега. Полетните денови кога имате 14 години нема да ве почекаат да се вратите. Летото на 17 години е само едно. Матурантите нема повторно да бидат матуранти.
Ние, возрасните, можеме лесно да зборуваме за следната година. Следната година е за постарите кои купуваат мелено месо и тоалетна хартија на акција. Следното лето не постои кога човек е млад. Младите размислуваат само за тоа што ќе се случи денес или утре. Млад си кога фантазираш за тоа што ќе биде ова лето и ова полугодие. Кога сонуваш да победиш на турнир во фудбал и да ја освоиш лигата со најдобриот резултат досега. Кога едвај ќе ја дочекаш екскурзијата каде што конечно ќе можеш да ѝ пријдеш на својата симпатија. Кога планираш фустан за матура – се убедуваш со родителите со месеци да ти го купат баш оној најубавиот – и сонуваш за таа вечер каде што ќе играш и ќе се забавуваш до доцна во ноќта.
Фото: Pixabay
Но, ете, дојде вирусот и ги одвеа сите тие соништа. Нема веќе турнир во фудбал и екскурзија. Нема матурска вечер. А потоа мора да се сконцентрираш на онлајн-учење додека родителите прават врева околу тебе на состанок за работа преку „Скајп“. Невозможно!
Би сакал да можам да ви кажам дека наскоро сè ќе биде како порано. Но нема. Ова полугодие ќе биде различно. Ова лето ќе биде различно. Цела оваа година ќе биде различна. Вие сте
генерација која мора да постапува различно.
Вие го ставивте својот живот на чекање за другите да го сочуваат својот. Се надевам дека сепак ќе играте, иако матурска вечер нема да има. Се надевам дека сепак ќе постигнете одлични резултати – иако нема да бидат во фудбал. Се надевам дека сепак ќе флертувате со симпатиите – иако нема да има екскурзии. Се надевам дека убаво ќе ја прославите својата матура – иако ќе биде поинаква од она на кое сте навикнати.
Вашите години се специјални и неповторливи. Се надевам дека ќе ви биде убаво и во ваква ситуација.
Младино, ти благодарам од срце! И им благодарам на матурантите од генерацијата 2020 година, ова нема да ви го заборавиме! Горди сме на вас!