X
 25.04.2020 Образование

Еден поинаков 25 април за Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола

На 25 април 2020 година Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, нашиот УКЛО, одбележува 41 година од своето основање.

И првпат во своето постоење Универзитетот оваа годишнина ја дочекува во една ситуација без преседан, со затворени врати, празни аули, амфитеатри, предавални... И првпат е принуден да се приспособи на новонастанатата ситуација предизвикана од пандемијата на вирусот Ковид-19, која радикално ги преобрази начините на нашето функционирање, работење, настава, учење.

Образованието е бит на секоја земја, секоја нација и тоа е и единственото оружје за соочување со проблемите и тешкотиите. Овој глобален проблем има амбивалентно дејство врз образованието: истовремено го сруши традиционалниот систем на образование, но и покажа дека никогаш повеќе образованието нема да биде ограничувано со „физички“ ѕидови.

Соочен со овој предизвик, а особено со комплексноста на проблемите и прашањата што имаат непосредно влијание врз функционирањето, УКЛО се организира на најдобар можен начин за да може во континуитет да ја реализира својата есенцијална мисија, а особено да обезбедува квалитетна едукација.

Користејќи ги бенефитите на современата технологија, моќните платформи на опцијата електронско учење и во соработка со единиците во својот состав, но и со проактивно вклучување на целокупниот наставно-научен кадар, а секако и со активна импликација на студентите, демонстрирајќи притоа слух за нивните иницијативи, УКЛО презеде сет од активности во рамките на своите компетенции со цел да бидат понудени одржливи и квалитетни решенија.

rektorat

Тоа е само уште една потврда дека Универзитетот перманентно го гради и надградува својот профил на најзначајна академска установа во регионот. Современ, флексибилен, мобилен и проактивен универзитет што нуди квалитетно високо образование втемелено врз современи наставно-научни достигнувања и методологии за пренос на знаења и апликативни компетенции на студентите. Во праксата тоа значи посветеност и вложувањe во реализацијата на образовната и научна мисија, но и во квалитетот, автономијата, академската слобода и отвореност кон општествената заедница, кон регионот, Европа и светот. Тоа значи и потпирање, одговорност и доследно следење на четиридецениската традиција во која се вградуваат искуството, трудот, енергијата и ентузијазмот на претходни, сегашни и идни генерации.

Поаѓајќи од темелните поставки на својата автономија, паралелно следејќи ги современите текови, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола со својата лидерска регионална позиција најодговорно го реализира сопственото функционирање во сите сегменти, со посебен фокус кон ефикасното раководење, координирање, обезбедувањето квалитет, унапредувањето на административните сервиси и информациските и комуникациски технологии, кои им се на располагање на сите факултети. Притоа настојува да ги одржи и зајакне науката, истражувањето, но и трансферот на знаење и технологии кон опкружувањето, пошироката општествена заедница.

Со своите 12 членки УКЛО претставува интелектуална база за развој и воспоставување партнерски односи со значајни стопански субјекти и локални самоуправи во регионот на своето дејствување. Секако, тука е и мошне значајната компонента - меѓународната соработка - со одржување на постојната и градење нови мостови на соработка со универзитетите, се јакне мрежата чија примарна цел е да се овозможи мобилност на студентите и кадрите, но и трансфер на знаења, вештини и современи технологии.

Функционирајќи и во вакви, вонредни околности, сепак сме горди што оваа година ја одбележуваме 41-годишнината од основањето, што не е мала бројка и секако е голем успех, особено во нашето турбулентно опкружување во кое ја негуваме традицијата, но со свртеност кон современите текови - трендови и тенденции, успеваме да овозможиме континуитет во нашето делување.

До сите студенти, до сите наставно-научни кадри, до сите вработени на Универзитетот

Во суштината на секоја успешност значајно место му припаѓа и на феноменот на припадност. Да се припаѓа на еден универзитет, на еден специфичен академски систем на вредности, тоа значи да се споделуваат сите аспекти на значењето, рејтингот, позиционираноста, влијанието и угледот.

Таа филозофија е вткаена во мисијата на секој успешен универзитет што сесрдно се труди на своите студенти пред сè да им го развие тоа чувство што се темели на реалните достигнувања и угледот на сопствениот универзитет.

И во контекстот на таа припадност посакуваме да се гордеете со нас како што ние се гордееме со вас, да ги зацврстуваме традицијата и вредностите на нашиот Универзитет затоа што во професионалната кариера на сите нас - академски и други кадри, но и многубројните генерации студенти, тоа е и ќе остане нераскинлив дел од нашите животи.

СО БЛАГОДАРНОСТ за поддршката, приврзаноста и енергијата со која заедно во овој специфичен момент од нашето постоење ги пребродуваме тешкотиите, ги совладуваме препреките, ги надминуваме проблемите...

СО НАДЕЖ дека ќе ги споделуваме и победите, успесите, постигнатите резултати и на тој начин ќе ги потврдуваме високите вредности на знаењето и вештините што ни ги дава Универзитетот....

СО ВЕРБА да продолжиме по патот во кој најдобриот дел од себе го вградувале најдобрите. Овој пат не е лесен, но е единствениот можен, тоа е таа значајна спона помеѓу она што претходело и она што допрва ќе доаѓа...

И, како што остатокот од историјата на Универзитетот ќе ја испишуваат генерациите што доаѓаат и таа спона, тој континуитет ќе испишува сигурна иднина.

И со искрена надеж дека ќе бидеме дораснати на таквата одговорност.

Вашиот Универзитет, вашата Алма Матер Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование