Од 2 декември 2019 година Петар Денковски е назначен за нов генерален директор на „Веропулос“ Дооел Скопје, кој доаѓа на местото на досегашниот генерален директор Лукас Бисиас.
Петар Денковски, дипломиран економист, е дел од Веропулос уште од самиот почеток, односно од отворањето на првиот маркет „Веро“ во населбата Аеродром во Скопје во мај 1997 година. Тој ја градеше својата професионална кариера поминувајќи ги речиси сите скалила во Веро, почнувајќи од секторот финансии, менаџер на маркет, регионален менаџер, менаџер за набавки, менаџер за комерцијала и маркетинг, а последните 10 години беше главен комерцијален директор на „Веро“ во Република Србија.
Досегашната професионална кариера на Денковски ја одбележаа многубројни постигнати успеси како на македонскиот така и на српскиот малопродажен пазар. Тој одигра значајна и клучна улога во развивањето на брендот „Веро“ во Македонија и неговото позиционирање како водечки синџир супермаркети на македонскиот пазар со препознатлива врвна услуга, широк асортиман на домашни и увозни производи и конкурентни цени.
Успешниот начин на работење во Македонија, Денковски успеа да го пренесе во работењето и на маркетите „Веро“ во Република Србија, каде што благодарение на неговото лидерство, компанијата го зголеми пазарниот удел на многу конкурентниот малопродажен пазар на кој функционираат големи интернационални синџири маркети и оствари рекордни резултати во работењето, за што сведочат голем број освоени награди и признанија.
- Со долгогодишното професионално искуство на Денковски во малопродажбата и неговите извонредни резултати, во комбинација со неговата експертиза и уникатниот стил на управување, длабоко веруваме дека развојот и унапредувањето на нашата компанија ќе бидат подигнати на уште повисоко ниво, со цел остварување уште подобри резултати, креирање нови проекти и реализација на амбициозни бизнис-планови - истакнуваат од Веро.