Примената на топлинските пумпи за греење на просториите станува главен тренд во светот. Уште повеќе, за граѓаните што живеат во Скопје и во другите градови во Македонија топлинските пумпи се најпогодниот и најбрз начин да се избегне големото загадување на воздухот кое е многу штетно за здравјето на луѓето. Затоа, во денешниов напис ќе објаснам неколку работи за да можат граѓаните да научат нешто повеќе за нив, а тоа ќе им биде корисно кога го решаваат проблемот за греење (и ладење) на просториите.
Топлинските пумпи користат електрична енергија за нивниот погон. Ако таа електрична енергија е произведена од обновливи извори, тогаш може да се каже дека топлинските пумпи се 100% еколошко решение за греење на просториите. Постојат топлински пумпи со мал, среден и голем капацитет, така што може да се применат за индивидуално греење, за централно греење на куќи, комерцијални објекти, згради (хотели, болници, трговски центри и др.). Исто така, тие имаат примена за големи капацитети за топлификација на цели населби, но и примени во технолошките процеси во разни индустриски гранки.
Кога се споменуваат топлински пумпи, повеќето луѓе мислат на геотермални топлински пумпи. Тоа е погрешна перцепција, а причина за тоа е што пред околу 25 години една поранешна фирма во Македонија пласираше такви уреди со релативно добар маркетинг. Геотермалните топлински пумпи се само едно од неколкуте решенија и тоа денес успешно се применува. Но развојот на технологијата во последниве две децении направи промени, така што во преден план сега се топлинските пумпи воздух-воздух (на пример: клима-уреди) и воздух-вода.
Примената на топлинските пумпи е тренд во светот потврден од сите страни, вклучувајќи ја Меѓународната агенција за енергија (IEA). Тие не се нов изум, туку постојат од многу одамна. Да напоменам дека од 1987 до 1990 година имав учество во научноистражувачкиот проект „Топлински пумпи и рекуперација на топлина“ како дел од макропроектот на МАНУ - „Фундаментални истражувања во енергетскиот сектор на Македонија“.
Но топлинските пумпи долго време во минатото не беа актуелни бидејќи порано горивата беа многу евтини. Второ, не беа економски конкурентни поради поголеми почетни инвестициски трошоци и сложеноста како машини. По 1990 година почнаа да се јавуваат изразени проблеми со климатските промени, а причина за тоа е согорувањето на фосилни горива (јаглен, нафта и гас), при што во атмосферата се испушта јаглерод диоксид кој е главен причинител на ефектот на стаклена градина. Оттогаш почна поголема примена на топлинските пумпи.
Динамичен развој на топлинските пумпи
Клима-уредите сплит-систем кои дотогаш служеа само за ладење, почнаа да ги прават и за греење (режим на топлинска пумпа), но само за преодните периоди есен-зима и зима-пролет. Подоцна се создадоа нови изведби кои можеа да работат само кога температурата на надворешниот воздух е над -5 Целзиусови степени, што значи корисникот мора да има главно греење на друг начин. Но со интензивниот технички развој денес топлинските пумпи може да работат и на многу ниски надворешни температури дури до -20 степени. Особено е постигнат голем напредок со вградување инвертер, направа со која се зголемува енергетската ефикасност на сите типови топлински пумпи. На ова треба да се додаде и дигиталната контрола што ги става топлинските пумпи далеку пред другите начини на греење.
Има разни можности при примената на топлинските пумпи бидејќи постојат разни решенија кај внатрешните единици: ѕидни, тавански, тавански во спуштен плафон, вертикални конзолни и стоечки на под. На пример, со една надворешна единица може да се поврзат две или повеќе внатрешни единици со разни положби. Со тоа се овозможува оптимално да се грее (и лади) една или повеќе простории, со што се постигнува и поголема удобност за луѓето. Од друга страна, се избегнуваат положби кај кои има дување на ладен воздух директно во телото на човекот, при што има штетни последици на здравјето.
Разни решенија кај внатрешните единици
Владата на РМ и некои општини даваат субвенции за вградување топлински пумпи на домаќинства со мали приходи. Тоа се мал број на корисници, што е недоволно за поширока примена. Државата има разни механизми како да се зголеми употребата на топлинските пумпи. Како пример ќе ги наведам стапките за царина кои се многу високи (15%) кај сите видови топлински пумпи воздух-воздух кои се најприменети. Исто така, стапката на ДДВ од 18% треба да се намали барем следните неколку години додека има загадување на воздухот во градовите. Од друга страна, за печките на пелети стапката на ДДВ е 5% иако топлинските пумпи се поеколошко решение.
На крај да кажам дека државата треба да заземе поактивен пристап кон воведувањето на топлинските пумпи за греење на просториите во домаќинствата и во сите видови објекти, како и во производствените технологии во разни индустриски гранки. Треба да се врши постојана промоција преку јавните медиуми бидејќи вградувањето топлински пумпи е најбрзиот и најефикасен начин како да се спречи загадувањето на воздухот во градовите, а тоа е од општ интерес на сите граѓани.
Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет – Скопје