X
 17.01.2017 Технологија

48-часовен Global Game Jam во Скопје и во Битола


 
На повеќе од 600 локации низ цел свет, а и кај нас, од 20 до 22 јануари љубителите на гејмингот ќе ја делат истата страст на правење игри.

Global Game Jam е најголемиот интернационален настан за креирање игри кој се одржува еднаш годишно, истовремено на голем број локации, како 48-часовен маратон. Како дел од International Game Developers Association (IGDA) неговата цел е да ги обедини сите кои креираат или имаат желба да креираат игри и да поттикне креативност, соработка и експериментирање. Во 2016 година Global Game Jam се одржа на 611 локации во 93 земји и беа создадени повеќе од 6866 игри.

Македонија учествува во последните пет години, на локации во Скопје и во Битола. Oрганизатор е Македонската асоцијација за развивање на игри – МАГДА.

-Во изминатите три години интересот за учество беше изненадувачки голем. На него досега се сретнаа скоро 800 учесници – ентузијасти, средношколци, студенти и професионалци од различни сфери за заедно да креираат игри, разменуваат знаење, остваруваат контакти и да се дружат и играат. Досега се создадени 104 видеоигри во прототип, од кои некои продолжија да се развиваат во комерцијални продукти. Минатата година Македонија беше на петтото место во светот по бројот на игри создадени на нашиот настан по глава на жител. Оваа година сакаме да го подобриме тој пласман, преку зголемување на бројот на учесници – велат од МАГДА.

Годинава настанот ќе се одржи во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје и Совет на Општина Битола во Битола. Ментори од компанијата ShadowGrid ќе им помагаат на учесниците и ќе одржуваат кратки предавања, а најдобрите ќе добијат награди.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија