Факултетите и универзитете не се возбудија премногу од новината за прекинувањето на соработката на високообразовните институции помеѓу Македонија и Турција. Велат дека очекуваат насоки од Министерството за образование за тоа како треба да постапат во врска со раскинувањето на договорот за соработка помеѓу Турција и Македонија и како тоа ќе се одрази на студентите во двете земји. Од ресорното Министерство најавија дека најверојатно денес ќе излезат со став за проблемот.
Универзитетите не сакаат да даваат изјави, сѐ дури не добијат насоки. Иако велат дека не очекуваат да има проблеми, со оглед на тоа дека дипломите ќе бидат признаени според Лисабонската конвенција, на која потписници се и двете земји.
-Не можеме да коментираме нешто за што не сме известени воопшто. Дел од студентите се заминати заради распуст и малку се дуваат работите дека нагло си заминувале и го напуштале градот и факултетот. Кај нас во последните десетина години има запишани околу 300 студенти од Турција. Никој не побарал никаква консултација на нашиот универзитет, но ние се разбира, ќе им излеземе во пресрет за сѐ што ќе треба, зашто тоа е наша обврска - велат од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“.
Од Европски универзитет се на колективен одмир и ни рекоа дека ќе се огласат после 13 февруари, кога ќе им почне новиот семестар. Ги исконтактиравме и на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ од Битола, од каде додаваат дека имаат едвај десетина студенти од Турција и дека никој не им се обратил за овој проблем.
Потпретседателот на Управниот одбор на ФОН, Сефер Цаноски смета дека ситуацијата ќе биде надмината, најмногу во полза на студентите.
-Турците неколку години нѐ предупредуваат дека треба да подобриме одредени работи во образованието, да има повеќе контрола во работата на факултетите. Верувам дека ќе се потпише нов договор и нема да биде на штета на студентите оти се работи за нивната иднина. Јас неколку години зборувам дека многу работи треба да се сменат во нашето високо образование, ама кој да слушне. Ние имаме нова програма „Нова генерациска програма“ што нуди соработка со Државниот универзитет во Валенсија и „Политехна“ во Милано и затоа студентите кај нас нема да имаат проблем со дипломите. ФОН има одлично реноме во Турција. Имаме околу 400-500 студенти, што не е малку – вели Цаноски.
Македонските студенти се со многу прашања, што ќе се случува со нивното студирање и добивање дипломи. Скопјанец, кој студира во градот Ескишехир вели дека засега нема никакви известувања од неговиот факултет.
-Не сме добиле ништо официјално. Нормално дека се прашуваме сум во недоумица да дознаам што ќе се случува, претпоставувам дека нашето Министерство за надворешни работи треба да не извести – вели младиот студент.
Од МНР ја спуштаат топката дека „донесувањето на ваквата Одлука на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган е резултат на претходен договор меѓу надлежните институции на Република Македонија и Република Турција дека билатералниот Договор од 1998 година треба да престане да важи, затоа што двете држави се потписнички и ја имаат ратификувано тнр. Лисабонска Конвенција (The Convention on the Recognition of Qualifications concerning Higher Education in the European) на Советот на Европа и на УНЕСКО. Наведената конвенција е усвоена во Лисабон на 11 април 1997 и е ратификувана од поголем број на европските држави (вклучувајќи ги РМ – се применува од 01.01.2003 и РТ- се применува од 01.03.2007.).
-Република Македонија и во моментот на државниот удар врз Турција, претходно и денес останува со целосна поддршка за демократските институции на Република Турција и во духот на пријателските односи соработува на многу полиња, меѓу кои и образованието – велат од МНР.