X
 13.07.2018 Образование

Студенти од Сараево згрозени од новите правила за облекување, велат дека се сексистички и шовинистички

Студентската асоцијација при Филозофскиот факултет во Сараево реагираше на неодамна објавениот нацрт-кодекс за облекување и однесување на Универзитетот во Сараево, сметајќи дека тој ги деградира Универзитетот како образовна институција и неговите студенти и студентки во целост, на срамотен и малициозен начин, незапомнет во академската практика.

Зошто мислат така, прочитајте во нивното соопштение:

„Обидот за имплементација на продесничарски ставови од страна на Студентскиот парламент при Универзитетот во Сараево во изминатите неколку дена добива огромни размери и е очигледен пример за атакување на уставните права на сите академски граѓани и граѓанки, деградирајќи го на тој начин Универзитетот како образовна институција и неговите студенти и студентки во целина, на срамотен и малициозен начин, незапомнет во академската практика.

Нацрт-кодексот за однесување и облекување на Универзитетот во Сараево во своите спорни точки и прописи е ориентиран шовинистички и сексистички и се пренесува и на слободата на избор на поединците. Во членот шест од овој нацрт е извршена поделба меѓу мажите и жените и нивното облекување и така по добро нормализираната перфидна работа, особено за женскиот пол се врзуваат традицијата и угледот, а споменатите традиција и углед се во причинско-последична врска со маиците на прерамки, искинатите панталони, висината на потпетиците и длабочината на деколтето.

Таквата перфидна реторика е бесрамен обид за унифицирање на факултетите од оваа организациска единица од страна на лицата кои својата неработа ја пренесуваат на идеолошката матрица и во согласност со неа и пишуваат и предлагаат некакви нацрти кои се поприфатливи и поразбирливи за поданиците на таа владејачка матрица, а студентот и студентката, говорејќи индивидуализирано, се принудени на наклонување кое е дијаметрално различно со оние што ги пишуваат и предлагаат, а чија цел е целосно надвладување на националните и/или верските убедувања на предлагачите, со примеси на демагошкиот концепт, чија крајна цел е супериоризација на припадниците на истите.

Според третиот член во Облиците на дискриминација, непосредна дискриминација е секое различно постапување по основите одредени во член два од законот, односно секое дејствување или пропуштање на дејствување кога некое лице или група лица се доведени или биле или би можеле да бидат доведени во неповолна положба за разлика од некое друго лице или група лица во слични ситуации.

Потоа, со посредна дискриминација се подразбира секоја ситуација во која, наизглед неутралната одредба, критериум или пракса, има или би имала влијание на доведувањето на некое лице или група лица во однос на основите дефинирани во членот два во неповолна или помалку поволна положба во однос на другите лица.


Фото: Pixabay

Филозофскиот факултет отсекогаш бил место за слободни критички мисли, место на кое постои право на индивидуално изразување. Големо мнозинство од студентите и студентките на Филозофскиот факултет изрази негодување по повод овој нацрт за кодексот на однесување и облекување на Универзитетот во Сараево и во согласност со тоа, се чувствуваме должни јавно да истапиме и да застанеме во одбрана на нивните ставови и во одбрана на основните човечките права.

Исто така, ги повикуваме на јавно дејствување сите студентски асоцијации на факултетите при Универзитетот во Сараево, чии студенти и студентки го делат нашето мислење и на кои им пречи овој обид за наметнување на дискриминаторски наратив“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование