X
 27.01.2017 Живот

Русија ќе донесе закон кој дозволува семејно насилство?

Застапниците на рускиот парламент Дума, по неколку читања, го пуштија во понатамошна процедура законот со кој се декриминализираат некои облици на семејно насилство. Со оглед на тоа дека е потребно уште само едно читање, јасно е дека новиот, крајно контроверзен закон кој веќе предизвика низа негативни реакции и отпор, наскоро ќе биде изгласан во парламентот и предаден на претседателот Владимир Путин за потпис.


Отакако Путин ќе го потпише законот, веќе нема казнено да се гони семејниот насилник кој на својата сопруга или деца им нанел полесни повреди. Ќе бидат казнувани само оние кои на сопругите или децата им ги скршиле рацете или нозете, или пак ги претепале толку силно што жртвата добила потрес на мозокот. Исто така, нема да бидат казнети и оние кое злоделото го направиле прв пат – нивното насилство ќе се третира како административен прекршок, за кој можат да добијат казна од 30 илјади рубљи или 15 дена затвор.

Руската православна црква го поддржува законот

Анкетите покажале дека околу 20 проценти од Русите го поддржуваат законот. Сметаат дека не е никакво злодело ако сопругата и децата понекогаш добијат ќотек, а со тоа се согласуваат и претставниците на Руската православна црква., кои тврдат дека мора да се заштита правата на родителите кои им се дадени од Бог. Иницијаторите на законот пак, тврдат дека авторитетот кој е темел на одгледувањето деца е дел од традицијата на руската семејна култура.

Законот кој земјата ја враќа во среден век

Застапниците на овој закон велат дека со него ќе се заштити правото на родителите за дисциплинирање на своите деца. Некои експерти пак, сметаат дека со овој закон земјата се враќа во средниот век и на тој начин државата дава зелено светло за семејно насилство. Постојат податоци, кои покажуваат застрашувачки размери на семејно насилство во Русија – дури 40 проценти од сите тешки злодела во 2015 година се извршени внатре во семејствата.

Полицајците неволно реагираат на семејното насилство

Здруженијата за заштита на жените тврдат дека руските полицајци неволно реагираат на повиците за заштита од семејно насилство, бидејќи сметаат дека така се мешаат во семејните односи. На крајот од минатата година отворена била истрага против еден полицаец кој одбил да пружи помош на девојка која повикала полиција за да ја заштити од агресивното однесување на нејзиниот дечко. Наместо да и излезе во пресрет, полицаецот цинично и одговорил, а тоа е и снимено, дека ќе интервенира единствено ако дечкото ја убие. Набрзо потоа стигнала пријава од болница дека девојката е претепана до смрт. И покрај вакви случаи, претседателот Путин не започнал процедура за донесување меѓународен закон за спречување на семејното насилство, напротив сега ќе потпише уште еден поконтроверзен закон.

Од Советот на Европа е испратено писмо до двата дома на рускиот парламент, во кое е истакната загриженоста за донесувањето на ваквиот закон, но писмото било оценето како неприфатливо, а наведено е дека законот ќе ја покаже одлучноста на државата да помогне во воспоставувањето на стабилно и силно руско семејство.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот