X
 05.07.2019 Наука

Путин ќе лансира нуклеарна централа на Арктикот, позната како „пловечки Чернобил“

Наредниот месец пловечката нуклеарна централа наречена „Академик Ломоносов“ ќе го почне патувањето преку Северното Море до крајната дестинација на Далечниот Исток, по речиси две децении градење.

Ова е дел од амбицијата на Русија да доведе електрична енергија до регион богат со минерали. Платформата долга 144 метри, обоена со боите на руското знаме, ќе стои покрај малото арктичко пристаниште Певек, околу 6.400 километри оддалечено од Москва. Ќе снабдува електрична енергија за населените места и компаниите што извлекуваат јаглеводороди и скапоцени камења во регионот Чукотка.

На повидок е поголема агенда: помошта на претседателот Владимир Путин за проширување на неговите арктички планови, што покренаа геополитичка загриженост во САД.

„Адмирал Ломоносов“ ќе биде најсеверната оперативна нуклеарна централа во светот и клучна за плановите за економски развој на регионот. Околу 2 милиона Руси живеат во близина на брегот на Арктикот во села и градови слични на Певек, населби што често се достапни само со авион или брод, ако дозволи времето. Но, тие генерираат дури 20 отсто од БДП на земјата и се клучни за руските планови да копаат по скриените богатства на нафта и гас од Арктикот, додека сибирските резерви се намалуваат.

1

Теоретски, пловечките нуклеарни централи би можеле да помогнат во снабдувањето со енергија на оддалечени области без долгорочни обврски - или без да бараат големи инвестиции во конвенционалните централи на претежно непогодна почва.

Но, концептот на нуклеарен реактор стациониран во Арктичкото Море го критикуваат екологистите. Платформата „Ломоносов“ научниците од „Гринпис“ ја нарекуваат „Чернобил на мраз“ или „Лебдечки Чернобил“ дури и пред Чернобил да биде популарен поради серијата на Ејч-Би-о. „Росатом“, државната компанија задолжена за нуклеарните проекти на Русија, се бори против овој прекар, велејќи дека ваквите критики немаат основа.

Целосно е неоправдано да се споредат овие два проекта. Ова се неосновани тврдења. Начинот на кој самите реактори работат е сосема различен. Се разбира, она што се случи во Чернобил не смее да се случи повторно. А бидејќи ќе биде стациониран во арктички води, постојано ќе се лади и ќе нема недостиг на студена вода - вели Владимир Ириминку, главен инженер за заштита на животната средина на „Ломоносов“.

Идејата не е нова - американската армија користела мал нуклеарен реактор инсталиран на брод во Панамскиот Канал речиси една деценија во 60-тите. За цивилни цели, американската енергетска компанија „Пи-ес-и & Џи“ нарачала пловечка фабрика што требало да биде стационирана на брегот на Њу Џерси, но проектот бил прекинат во 70-тите поради јавното противење и загриженоста за животната средина.

И руската цивилна нуклеарна индустрија се соочи со јавни прашања по катастрофата во Чернобил, што предизвика загриженост за „мирниот атом“ децении подоцна. Престанала изградбата на десетици нуклеарни централи, што влијаело не само врз масовни проекти од чернобилска скала, туку и врз забавување на употребата на реакторите со ниска моќност (Чернобил произведувал 4.000 мегавати. „Ломоносов“ има два реактори што произведуваат по 35 мегавати).

2

- Овие реактори првично беа употребени во рамките на границите на градот, но за несреќа, чернобилскиот инцидент го попречи ова. Нашите граѓани, особено ако не се технички потковани, навистина не ја разбираат нуклеарната енергија и дека овие станици се изградени поинаку, така што речиси е невозможно да им се објасни тоа - вели Ириминку.

Експлозијата во Чернобил директно предизвика 31 смрт, но милиони луѓе биле изложени на опасни нивоа на радијација. Конечната бројка на смртни случаи како резултат на долготрајното излажување на зрачењето е спорна. Иако ОН предвидуваа до 9.000 смртни случаи од рак во 2005 година, „Гринпис“ подоцна процени и до 200.000 жртви, земајќи ги предвид здравствените проблеми поврзани со катастрофата.

Но, модерна Русија не видела ништо слично со Чернобил. Русија, главен производител на нафта и гас, исто така има неколку нуклеарни централи. Државната атомска енергетска корпорација „Росатом“ одамна тврди дека реакторите се модернизирани и надградени.

Но, наместо да се повикаат на Чернобил, некои научници прават паралела со несреќата во 2011 година во Фукушима, Јапонија, при што сликите од реакторите во вода сè уште се свежи. Но, инженерите велат дека ја научиле лекцијата со Фукушима.

- Оваа платформа не може да биде уништена, дури ни од цунами од 9 степени - вели Дмитриј Алексеенко, заменик-директор на фабриката „Ломоносов“.

Но, експертите од „Белона“, невладина организација за следење на нуклеарните проекти и влијанија врз животната средина, велат дека 24 часа можеби нема да бидат доволни за спречување на катастрофата, ако цунамито се појави во градовите со два активни нуклеарни реактори. А тука е и проблемот со трошоците. Некои руски официјални лица ја доведуваат во прашање цената на пловечкиот реакторски комплекс од околу 450 милиони долари, велејќи дека треба да влезе во сериско производство за да биде економски одржливо.

Последниот руски нуклеарен проект со споредлив обем беше завршен во 2007 година, кога нуклеарниот кршач на мраз конечно отплови, откако седеше на доковите од 1989 година. Сега, по повеќе од 20 години аргументи, промени на изведувачи и економски кризи, руските инженери конечно можат да се гордеат со лансирање на првата светска нуклеарна пловечка платформа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука