На 86-годишна возраст почина доајенката на македонската народна музика, Вања Лазарова Димитрова.
„Параходот замина“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“, „Со маки сум се родила“, се само дел од многуте македонски изворни народни песни кои ги испеа Вања, а најголемиот дел од нив се снимени во продукција на МРТ. Голем придонес има во соработката со групата „Анастасија“ за музиката за филмот „Пред дождот“ кој во 1994 година освои „Златен лав“ во Венеција.
Вања има настапувано на голем број концерти на повеќе континенти, а пеела и во Алберт Хол во Лондон пред британската кралица Елизабета Втора и премиерот Винстон Черчил. Може да се каже дека нејзиниот впечатлив глас останува дел од нашето македонско музичко наследство.