Министерството за култура донесе решение за запирање од извршување на Одлуката на Собранието на ЗАМП со која се забранува емитување авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување. Решението е во согласност со законската надлежност на ресорното Министерство утврдена со Законот за авторското право и сродните права, по извршниот надзор над Одлуката на Собранието на музичката асоцијација од 19 септември. Решението е донесено вчера, за што е известено и ЗАМП.
Според надзорот, Одлуката не е во согласност со одредбите на Законот за авторското право и сродните права.
Од Министерството објаснуваат:
„Во согласност со член 157 став 1 од Законот, доколку во спроведување на надзорот над актите на организацијата за колективно управување Министерството за култура оцени дека општ или поединечен акт не е во согласност со Законот, статутот, односно договорот за основање, со решение ќе го запре од извршување и ќе поведе постапка пред надлежниот суд за оцена на законитоста на актот.“
-Уште еднаш потсетуваме дека авторите на музички дела имаат право преку соодветната организација за колективно управување или индивидуално да забранат користење на нивните дела, но на начин и под услови кои се во согласност со Законот за авторското право и сродните права – стои во дописот од Министерството.