X
 28.03.2017 Живот

„Ја сакав баба ми, но таа беше нацист!“


Стара, црно-бела фотографија на жена со две деца
(Фото: Од личниот албум на авторката на колумната, направена околу 1943 година)


Моите дедо и баба беа нацисти. Ми требаше време да можам ова да го изговорам или да го напишам. Ги сметав, а така и се однесував кон нив, за „обични Германци“, како тоа да беше одредена морално неутрална категорија. Но како и многу други „обични Германци“ тие беа членови на Нацистичката партија, на која ѝ се приклучија во 1937 година, пред тоа да стане задолжително.

Мојата баба, која речиси ја доживеа „стотката“, колку што ја познавав, не беше ксенофобична или антисемитистка; нејзиниот карактер не покажуваше знаци на омраза. Мое животно прашање стана да разберам и сфатам зошто и како оваа жена што ја познавав и сакав била вовлечена во движење кое стана синоним за злото.

Таа и мојот дедо израснале во работничко предградие во индустрискиот дел на Дортмунд, каде невработеноста била огромна; областа била окупирана од Французите по Првата светска војна. Тие се приклучиле на Нацистичката партија за да станат млади лидери во програмата за едукација во доменот на земјоделието, позната како Landjahr или „година на земјата“ при што добиле обука за земјоделци. Баба ми отсекогаш тврдеше дека им се приклучила на нацистите како„идеалист“, понесена од визијата за обнова на Германија, за враќање на земјата во нормала и, перверзно, за промовирање на еднаквоста.

Според Landjahr програмата, синовите и ќерките на фабричките работници требало да живеат и да работат рамо до рамо со синовите и ќерките на аристократите и богатите индустријалци. Нејзе ѝ се допаднала идејата за враќањето на „традиционалниот“ германски живот, подалеку од збунувачките  притисоци и застои во глобалната економија. Истражувајќи на оваа тема, сфатив дека програмата Landjahr била дел од поголемата визија на Хитлер, позната како „крв и почва“ за создавање на расно исчистено, аграрно општество. Делот за „чистата раса“ беше нешто што баба ми никогаш не го спомна.

„Не знаевме“, беше нејзината мантра која ја повторуваше на нашите  долги прошетки кога ја посетував на фармата каде што живееше, недалеку од местото каде што израснала. „А  ти не  слушаше што говореше Хитлер?“ ќе ја запрашав, борејќи се во себе со парадоксот дека мојата сакана баба била нацист.

Таа само ќе ги кренеше рамениците и ќе кажеше: „Тој зборуваше за многу работи – не ги слушав сите“.  А не гледаше ли дека ги собираат  и ги одведуваат Евреите, или барем дека полицијата ги малтретираше? Не, одговараше таа, не во нејзиното село. Во секој случај, таа била фокусирана на сопствените проблеми, на врзување крај со крај, и откако започнала војната, на заштита на своите деца.

Ваквото инсистирање дека таа не знаела ништо за тоа беше нејзиниот изговор, кој јас ниту тогаш ниту сега не можам да го прифатам. Невозможно е таа да не знаела за Хитлеровиот пакосен антисемитизам и за нацистичкиот план за прогон на Евреите, кој Хитлер лажно (но успешно) го поврзал со болшевичка терористичка закана.  А дали таа разбрала за Хитлеровиот план за нивниот ужасен, незамислив крај? Во доцните 1930-ти години, се зборувало дека ќе ги испраќаат Евреите на Мадагаскар и во „населби“ на Исток. Но, дури и да верувала во тоа, зарем не била вџасена од таквата неправда? И од опасното одземање на нивните права?

Во германскиот јазик постојат два термини за зборот „знае“: првиот е „wissen“, кој се поврзува со мудрост и учење, а вториот е „kennen“ со значење – бев запознат или известен.

Запознавањето, по дефиниција, е само површина на разбирањето, сфаќањето, и е подложно на манипулации. Кога ние сме „запознати со нешто“, тогаш полесно ни е да согледаме само еден дел од целината. Особено кога другиот дел што го слушаме или гледаме, е привлечен за нас.  Хитлер отвори нови работни места  и ги врати можностите, ја обнови националната гордост и говореше примамливи, популистички лаги; на почетокот, мојата баба како и повеќето Германци, веруваа дека на пример, Германија ја започна војната со Полска во самоодбрана.

„А што мислеше кога почнаа да се шират гласини за концентрационите логори?“ – ја притискав јас. „Зарем никогаш не си слушала вести од странство?“

„Пропаганда на Сојузниците“ – беше одговорот на баба ми. Така кажал Хитлер. И таа, како и многу Германци, му веруваше. Нејзината доверба, очигледно, ја ослободуваше од потребата да сфати и да разбере.

Како да излезам на крај со љубовта кон мојата баба што ја познавав сè до нејзината смрт во 2011-тата, и со оваа личност? Честопати бев загрижена дека мојот обид  да ги разберам изборите што таа ги направила или не ги направила, би можеле да се разберат како обид  да ја оправдам или да ѝ простам. Но за мене, тоа беше единствениот  достапен начин како да се спротивставам на минатото и да преземам одговорност.

Мојата баба го слушала само она што сакала да го чуе од водачот кој ѝ ветил едноставни одговори на комплицирани прашања. Таа самата избрала да не ги гледа и слуша монструозните резултати од тие „едноставни одговори“. И живеела до крајот на својот живот со  непобитното сознание дека била соучесник во тоа.

Но, нејзината подготвеност да зборува на теми што само неколкумина од нејзината генерација би се охрабриле да ги зборуваат, ме научи дека е многу важно да се осознаваат работите што е можно подлабоко.

Колумна на Џесика Шатак во Њујорк тајмс.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот