X
 18.04.2024 Колумни

Зошто македонското образование покажува лоши резултати на ПИСА-студијата?

Македонските ученици не успеаја да го подобрат својот континуирано лош „пласман“ ниту на последната ПИСА-студија. Ваквиот тренд на континуирано опаѓање на квалитетот на македонското образование е евидентен, трае со години и фрла темна дамка врз креаторите на македонската образовна политика. Но, зошто на Македонија ѝ оди сѐ полошо и полошо? Дали за лошиот пласман на последната ПИСА-студија можеби е виновна коронакризата? Но, коронакриза имаше во целиот свет,зар не? Македонија беше дел од пандемијата, а не изолиран случај. За лошите постигнувања на нашите средношколци нема и не смее да има оправдувања, ни изговори! Резултатите на ПИСА-студијата мора да претставуваат дополнителна опомена за лошата македонската образовна политика и барање одговорност за тоа од надлежните. Дури и без оглед на резултатите на ПИСА-тестот, критиките за лошите реформи во македонскиот образовен систем се покажаа оправдани во целост зашто факт е дека учинокот на македонските ученици континуирано опаѓа. Стручната јавност долго време бара суштинска надградба на македонскиот образовен систем, првенствено преку квалитетни учебници и квалитетни наставни програми.

На секои три години ученици (на последната во 2022 година учествуваа околу 690.000 ученици од 81 земја), учествуваат во ПИСА-студијата. ПИСА е кратенка за „Програма за меѓународно оценување на учениците“ и се смета за најважен споредбен тест за квалитетот на образованието во светот. Учесниците се на возраст од 15 години, а тоа значи дека учат во средно училиште кое во Македонија е дел од задолжителниот образовен процес. За да можат да го започнат својот професионален развој, младите треба да имаат сеопфатни познавања од математика, читање со разбирање и природни науки. Овие три наставни предмети, односно наставни дисциплини, се опфатени со ПИСА-тестот, при што една од нив секогаш е ставена во преден план (на последната ПИСА-студија тоа беше математика).

Како изгледа ПИСА-студијата?

Како изгледа да бидете еден од репрезентативно избраните млади луѓе кои учествуваат во ПИСА-студијата? ПИСА-студијата се состои во решавање двочасовен тест во кој има задачи со различна тежина. Тестот вклучува одговарање прашања од затворен тип со повеќекратен избор, како и прашања од отворен тип на кои може слободно да се одговара. Меѓутоа, за разлика од повеќето класични тестови, ПИСА-тестот не го тестира само градивото кое треба да биде научено согласно наставната програма, туку тестира колку учениците се способни да го применат стекнатото знаење во секојдневни ситуации. На пример, да дадете инструкции за плочкар кој треба да намести специфично дизајнирани плочки. Или, на пример, да успеете да прочитате мапа на град за да ја најдете најкратката патека или маршрута од едно до друго место. Или задача од типот: Со помош на алатка за симулација да откриете каков долгорочен ефект имаат различни заштедени суми.

Македонија повторно се претстави во лошо издание!


Откако македонските ученици ги „решија“ овие и преостанатите поставени задачи во пролетта 2022 година, официјалните резултати што пристигнаа кон крајот на 2023 година повторно беа поразителни. Како и на претходните студии на кои учествувавме, пласманот ни е непроменет. Се наоѓаме речиси заковани на дното! Ако ни е некаква утеха, на последната ПИСА-студија и во некои други индустриски поразвиени земји од Македонија вештините на учениците покажаа пад, но во Македонија катастрофалната состојба е во континуитет и е развиена до натпросечен степен со лошите образовни политики во последните две децении. Нашите ученици се претставија во уште едно потпросечно издание. На почетокот на учеството во ПИСА-студијата како дебитанти сосема е очекувано резултатите да не ви бидат врвни, но тоа што го гледаме во континуитет покажува дека перформансите на македонските ученици во континуитет се лоши и под просекот на најголемиот дел од европските земји.

Што значат резултатите за Македонија?

Поделени во поединечни категории, резултатите покажуваат дека помалку од една третина од македонските ученици постигнале некакви задоволителни резултати (само 9 отсто). Преостанатите, мнозинството, за жал, постигнале најниско ниво на компетенции во најмалку еден од трите тестирани наставни предмети, а некои, верувале или не, по сите три тестирани наставни предмети, односно дисциплини. Нивните перформанси се толку слаби што мора да констатираме (исклучиво според покажаниот резултат) дека дури на 70 отсто од тестираните ученици им е потребна дополнителна стручна поддршка во школувањето за да го завршат успешно, односно да напредуваат во следните учебна година (во случајов втора, трета па и четврта година средно образование) и да продолжат да студираат или евентуално да работат по струка веднаш по завршувањето на средното образование. Сите тестирани ученици се иднината на Македонија и тие по завршувањето на школувањето треба да учествуваат и во сите сфери од општествениот живот.

Зошто поминавме толку лошо?

Зошто квалитетот на македонското образование континуирано опаѓа? За овој проблем сосема логично постојат различни објаснувања и толкувања: од една страна, затворањето на училиштата за време на пандемијата на коронавирусот можно е да создало образовни празнини кај учениците. Многу ученици се чувствуваа изолирани во овој период и им беше тешко да останат во тек со тековниот материјал учејќи од дома. Знаеме дека ниту учениците, ниту наставниците, ниту училиштата во Македонија не беа добро опремени со дигитални уреди за учење на далечина, што го отежна во голема мера процесот на учење. Но, факт е дека во истиот овој период имаше и земји кои беа дел од последната ПИСА-студија и кои исто така целосно ги затворија своите училишта на многу подолг период од Македонија, некои држави дури и со подрастични корона-мерки, па сепак кај нив резултатите не се толку лоши. Факторот „корона“ очигледно не е единствената причина и не може да се смета за единствен и пресуден виновник за падот на компетенциите кај македонските ученици. За ова постојат и други причини, како што се лошата образовна политика и семејната ситуација кај младите. Како последица на падот на стандардот во Македонија, паѓа и економската моќ на семејствата. Учењето од дома најдобро покажа дека родителите можат само во ограничен обем да им помогнат на своите деца со училишните задачи. Тоа значи дека процесот на учење се одвива исклучиво во училиште. Дома главно се совладува наученото, односно тоа што треба да биде научено.

Потребни се суштински реформи во образованието!


Немањето квалитетни учебници (по одделни наставни предмети со години воопшто нема никакви учебници!) исто така е една од причините. Постојаните, но несуштински реформи во образованието на кои остро реагира стручната јавност, изминативе две децении исто така влијаат врз падот на квалитетот на образованието. Сето тоа влијае и врз мотивацијата кај наставниците и кај учениците!
Македонските ученици само делумно ја согледуваат поврзаноста на наставните содржини со реалниот свет. Ова им отежнува да препознаат колку е важен некој наставен предмет за подоцнежниот живот.

Резултатите на ПИСА-студијата мора да претставуваат дополнителна опомена за лошата македонска образовна политика и барање одговорност за тоа од надлежните. Дури и без оглед на резултатите на ПИСА-тестот, критиките за лошите реформи во македонскиот образовен систем се покажаа оправдани во целост зашто факт е дека учинокот на македонските ученици опаѓа. Стручната јавност веќе долго време бара суштинска надградба на македонскиот образовен систем, првенствено преку квалитетни учебници и квалитетни наставни програми. Тоа е исто толку важно колку и пронаоѓањето нови суровини и иновативни технологии. Благодарение на референтната ПИСА-студија, располагаме со прецизни параметри како котира нашето образование во светски рамки. Затоа постои потреба од итна сеопфатна реформа на уписната политика во средните училишта која ќе се потпира на објективноста на оценката добиена од наставникот преку создавање одржливи механизми за следење на напредокот на постигнувањата на учениците и наставниците.
Контрапродуктивно е да креваме паника околу добивањето слаби оценки. Со реформирањето на уписната политика македонските ученици ќе можат да постигнуваат добри резултати без да бидат изложени на поголем притисок.


Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни