Советот за безбедност при ОН треба да гласа за резолуција со која ќе се осудат нападите со хемиско оружје во кое животот засега го зaгубија над 80 луѓе, иако последните известувања говорат дека бројот на жртви се искачил над 100.
Лекарите во сириската провинција Идлиб се во шок после нападот со
хемиско оружје кога животот го загубија најмалку 80 лица, од кои 14 се деца, а болниците се преплавени со повредени лица, јавува „Ал Џезеира“. Во нападот настрадаа околу 550 лица, главно цивилно население.
Мунзир Калил, шефот за здравство во Идлиб, вели дека очекуваат бројот на жртви да порасне на 107, заради големиот број пријавени исчезнати лица.
Францускиот претседател Оланд ја повика меѓународната заедница да реагира во врска со употребата на хемиско оружје во Идлиб, во северна Сирија, нарекувајќи го нападот „воено злосторство“.
Опозицијата во Сирија ги обвинува силите на претседателот Башар Aл-Асад за нападот, додека руското министерство за одбрана тврди дека владините воздушни сили погодиле склад за хемиско оружје кој му припаѓал на опозициските сили.
Папата Францис го осуди нападот во Идлиб, нарекувајќи го „неприфатлив масакр“.
„Со ужас ги следиме најновите настани во Сирија. Го осудувам неприфатливиот масакр во провинцијата Идлиб, каде се убиени десеттици луѓе, вклучително и деца“, истакна тој на обраќањето пред јавноста од плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, јави
ATP.
Заради нападите, САД, Велика Британија и Франција доставија предлог до Советот за безбедност при ОН за заедничка резолуција за осуда на нападот со употреба на хемиско оружје. Овие држави ги обвинуваат силите на претседателот Ал-Асад за напад врз цивили, иако сириската војска демантира дека е одговорна за нападот, наведувајќи дека никогаш не би употребила хемиско оружје во овој конфликт.
Во нацрт-резолуцијата стои дека сириската влада мора да им ги обезбеди на меѓународните истражители плановите за летање и протоколите и имињата на командантите на хеликоптерската ескадрила, како и да дозволи пристап до воздушните бази, од каде се извршени нападите.
Во документот се бара и доставување на месечен извештај до генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, за тоа дали сириската влада соработува со меѓународните истражители кои треба да ги утврдат фактите за наводно користење на хемиско оружје.
Лекарот Шајул Ислам, кој имаше директен контакт со жртвите од нападот, вели дека без сомнеж во нападот бил користен некаков боен отров, најверојатно, сарин, што е многу посмртоносен гас од хлорот. Ако се потврди нападот со хемиско оржје, тоа ќе биде најсмртоносниот напад во Сирија од 2013 година.