Во Босна и Херцеговина се развива таканаречен воен туризам. Најдобар пример за тоа е еден сопственик на хотел во Сараево на кој му тргнала работата кога во собите вградил воени реквизити. Затоа што војната се продава подобро од мизерната реалност.
Кога гостите ќе побараат, Аријан Кубашиќ се облекува како војник на ОН со син шлем и панцир. Тогаш туристите можат да имаат чувство како сè уште да трае војната. Токму тоа чувство го купуваат кога ќе се сместат во
„War Hostel“ во Сараево. Курбашиќ опремил еден простор како бункер во кој може да се преноќи под треперлива светилка, со лош воздух и звук на бомбардирање. Но, и другите простории се уредени во согласност со името. Прозорците се делумно излепени со фолии, а се појадува под бодликава жица.
- Нормалниот хостел не функционираше. Сè уште сум сиромашен, но подобро ми оди - вели Курбашиќ, кој ја издржува фамилијата со хостелот.
Фото: Deutsche Welle
Приказната за овој хостел ја објави виенски „Стандард“, а новинарката пишува дека инспирација на Курбашиќ му било тоа што боиштата се најпосетените локации во градот. Тој смета дека тоа е начин на кој луѓето можат да видат како е кога ќе се излезе од зоната на комфор. А нагласува дека и на посетителите јасно им дава до знаење дека војната не е кул.
Туристите можат да се забавуваат и во автентичната воена зона на Игман, па и да си играат војна со пушки за пејнтбол и во маскирни униформи - за 25 евра. Но, и сериозното соочување со војната се продава подобро од мизерната реалност во која се чувствуваат долгорочните последици од војната. Само таму се убиени 11.000 луѓе, а 56.000 се ранети од гранатите што често паѓале во градот.
Туристите најчесто одат во музеј-тунелот во близина на аеродромот. Тој го поврзувал градот со надворешниот свет, а овозможувал и шверц на бензин и цигари. Сега би требало да биде продупчен уште повеќе за туристите. Поставен е дури и автомат со медали за спомен кои излегуваат кога ќе се стави паричка.