Матурантите од утре до 14 јуни ќе ги полагаат екстерните испити од државната матура во јунската испитна сесија, за која се пријавени вкупно 16.426 кандидати.
Полагањето на државната матура ќе почне утре во 10 часот со тестот по мајчин јазик и литература. Според податоците на Државниот испитен центар, пријавени се 10.632 матуранти за македонски јазик, 5.120 за албански јазик и 418 за турски јазик.
Странски јазик, матурантите ќе полагаат на 10 јуни и слично како и во минатите години, најголем број, односно 15.201) се пријавени за англиски јазик. Француски ќе полагаат 108, германски 197 и за руски јазик 26 кандидати.
За математика, која ќе се полага на 12 јуни, има најмал интерес, па пријавени се само 2.070 матуранти.
Последниот екстерен испит од државната матура ќе се полага на 14 јуни, а учениците полагаат биологија, хемија, физика, историја, бизнис, филозофија и естетика.
Првичните резултати од тестовите треба да бидат објавени најдоцна до 14 јули.